Македонија
23. April 2025 - 16:46

Освен на културните работници, платата им доцни и на стотици други вработени во државни институции

Освен три илјади вработени во културата, плата за март немаат земено и стотици други работници низ повеќе државни институции. 280 лица во пазарниот инспекторат, 195 во трудов, околу 140 вработени во министерството за економија се уште се со празни трансакции. Според првиот човек на сојузот на синдикати, листата на институции е долга.

„Вработените во министерството за економија и труд се уште не ја добиле нивната плата. Вработените во пазарниот инспекторат кој треба да ги спроведува мерките на владата и треба да ги контролира нефер трговските практики, исто така, според моите сознајнија немаат добиено плата. Вработените во дел од јавното обвинителство немаат добиено плата. Вработените во водостопанство каде што имаше голем удар вработените да се зачленат само во друг синдикат се уште не ја добиле својата плата и нема ни изгледи кога ќе ја добијат и низа други институции кои во јавниот сектор се уште не ја добиле платата. Утринава добив информација дека и државниот инспекторат за труд се уште нема исплатено плата за вработените“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

Причина за доцнењето на платите на културните работници е усогласување на пресметките со министерството за финансии. Министерот Љутков во гостување на Сител рече дека зголемувањето ќе биде околу 6 отсто и тоа е согласно двата колективни договора.

Денеска од СОНК побараа средба со него. Неделков ги повика директорите да не ги прифаќаат новите решенија за пресметка на плата. Предожи зголемување на коефициентите на сложеност за 10 проценти, а дополнително и за 0,7 проценти, преку заеднички анекс на Колективниот договор.  

„Очекувам да имаме разврска на проблемот четврток и петок. Доколку немаме разврска, ние како синдикат ќе преземеме мерки и активности, советот ќе се состане. Не сакам да прејудицирам каква ќе биде одлуката, меѓутоа возможно е прво од доцнење на платата, второ од непочитување на закон и колективен договор, а тоа повикува на организирање на протести и штрајкови“ – Јаким Неделков, претседател на СОНК

Синдикатот на културата вчера излезе на протест. Оттаму денеска предупредија дека со новите насоки „секој од вработените би бил финансиски оштетен за неколку проценти или претставено поединечно во зависност од работното место во износ од 1.500 до 2.000 денари.“

Критика стигна и од опозицијата.

„Ова е последица на неспособност и распиничко трошење и целосно потфрлање на министерот за култура и владата на ДПМНЕ. Прашање е дали нападот на колективниот договор е најава за ново кратење на правата на вработените во културата и тоа по партиски терк“ – Богданка Кузеска, потрпарол на СДСМ

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека Владата континуирано ги зголемува платите. 

„Прво, припадниците на МВР добија зголемување на платите за 10%. Второ, вработените во основните и средните училишта добија зголемување на платите за 7%, или за мандатот во образование платите ќе се зголемат за 46%. Трето, во здравството се зголеми капитацискиот бод за матичните лекари и гинеколозите за речиси 40 проценти, додека за стоматолозите околу 25%“, стои меѓудругото во реакцијата.