Свет
19. December 2025 - 8:48

Осомничениот за масовното пукање на Универзитетот Браун пронајден мртов

Полицијата во американската држава Род Ајленд вчера соопшти дека осомничениот за фаталното пукање минатиот викенд на Универзитетот Браун е пронајден мртов, јави ДПА.

Шефот на полицијата во Провиденс, Оскар Перез, на прес конференција изјави дека осомничениот е 48-годишен студент од Универзитетот Браун и дека е португалски државјанин.

Главниот обвинител на Род Ајленд, Питер Нерона, изјави дека осомничениот е пронајден мртов, со чантата во која имаше две парчиња оружје и докази во автомобилот што точно се совпаѓаат со она што го гледаме на местото на настанот тука во Провиденс“.

Специјалниот агент на ФБИ, Тед Док, изјави дека мажот бил пронајден синоќа во магацин во Салем, на околу 30 километри северно од центарот на Бостон.

Вооружен маж во саботата отвори оган на универзитетот, убивајќи двајца студенти и повредувајќи неколку други, потсетува ДПА.

Неколку часа по пукањето првично беше приведен еден маж, но подоцна беше ослободен. Обивнителот Нерона во тоа време изјави дека понатамошната истрага покажала дека доказите укажуваат во поинаква насока.

Мотивот за нападот сè уште не е утврден. Стотици полицајци, вклучително и персонал на ФБИ, беа вклучени во потрагата.

Во меѓувреме, властите истражуваат дали истото лице го убило професорот на МИТ два дена по нападот врз универзитетот.

Професорот на МИТ, Нуно Лоуреиро, (47) во понеделникот почина во својот дом во предградието на Бостон, околу 80 километри северно од кампусот на Браун.

Официјален претставник на ФБИ изјави неделава дека властите не веруваат дека постои врска помеѓу пукањето на Браун во саботата и убиството на професорот на МИТ. Лоуреиро беше член на Одделот за нуклеарна наука и инженерство и физика, како и на Центарот за наука за плазма и фузија на МИТ.

Истражителите во Провиденс рекоа дека осомничениот за пукањето на Универзитетот Браун избегал пеш во блиските улици, што предизвика потрага која во голема мера се потпираше на снимки од безбедносни камери за станбени објекти поради недостаток на камери за надзор во училницата и околното подрачје.

Полицијата објави слики и видео од маскиран маж за кој се веруваше дека е напаѓачот и постојано бараше помош од јавноста за негово идентификување. Видеото го прикажува осомничениот како шета низ блиската населба и пред и веднаш по нападот, вклучувајќи ги и моментите кога полициските возила пристигнаа со вклучени светла.

 

МИА