Македонија
6. December 2021 - 12:03

Османи: Работиме за 14-ти, но цел декември е можност за почнување на преговори

САД се посветено ангажирани за побрзо да се изнајде решение со Софија бидејќи е од нивни стратешки интерес Република Северна Македонија да ги почне преговорите, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи за пораката од денешната средба со заменик помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Османи по заедничката прес-конференција со Ескобар на која не беа предвидени прашања, во изјава за медиумите на новинарско прашање посочи дека не може да коментира во име на Ескобар дали тој имал средби со бугарски претставници за спорот или дали планира да ја посети Софија, повторувајќи ја пораката за американската посветеност.

-Тоа што денеска го слушнавме е сериозна посветеност и проактивност на САД имајќи предвид нивниот стратешки интерес Република Северна Македонија и Албанија да ги почне преговорите, но и целиот регион да стане дел од ЕУ, вели Османи.

Во однос на преговорите со Бугарија тој додаде дека се водат разговори, и потсети на неговата средба со министерот во техничката Влада на Република Бугарија Стоев во Рига, а кажа и дека 14 декември не е краен рок за постигнување решение со Софија.

-Тие разговори продолжуваат. 14 декември е формалниот состанок на Советот за општи работи, односно состанокот на министри за Европа на ЕУ, но тоа не значи дека е единствената шанса за декември. Имав средба и со словенечкиот министер за надворешни работи, Словенија е актуелно претседателство со ЕУ и разговаравме исто така за фактот дека и после 14 декември во кој било ден до крајот на годината словенечкото претседателство може да свика вонреден состанок на министри за Европа доколку добие информација од Република Бугарија дека се спремни да ја поддржат преговарачката рамка и одлуката за почеток на преговори. Што значи дека цел декември е можност за почнување на преговори, а се разбира и периодот после тоа. Нас се уште ни е таргет декември, нагласи Османи.

Тој вели дека не планира да  ја спушти тензијата или интензитетот на неопходноста за започнување преговори што побрзо и покрај мислењата во јавноста дека не треба да се подигаат очекувањата на јавноста во однос на отворањето на преговорите.

-Знам дека има разговори во јавноста по однос на тоа дали треба очекувањето на граѓаните да се зголеми без да бидеме сигурни дека тоа може да се случи, но јас не планирам да Така што, ќе работам за 14 декември, но ќе работам и за секој ден после 14-ти до крајот на годината во текот на словенечкото претседателство, а се разбира и после тоа. Да сумирам, има конкретен ангажман, има разговори. Се надеваме на што побрзо формирање на политичката влада во Република Бугарија и можноста да се донесе одлука за започнување на преговори во текот на декември, нагласи министерот Османи.