Македонија
31. March 2024 - 16:41

Општина Чешиново-Облешево има 16 деца со попреченост, но нема дневен центар

Во општина Чешиново- Облешево нема дневен центар за деца со попреченост, па родителите се приморани да ги носат до најблиските центри во Кочани или Виница. Граѓански активистки од општината реализиарат активности за подобрување на условите и унапредување на услугите за децата со попреченост, за кои досега на локално ниво скоро и да нема никаква инситуционална грижа. По направената анкета со родителите, констатирано е дека постои потенцијал да се направат позитивни промени во квалитетот на животот на децата и нивните семејства.

-Преставува навистина голем проблем и финансиски трошок и обврска на самите родители, а социјалниот додаток што го добиваат од државата е многу минимален. Нашата цел е да им се овозможи на овие родители, да им се помогне и финансиски и морално и психолошки, за да можат подобро да функционираат, да посветат повеќе и поквалитетно време на своите деца и да имаат подобар живот и подобра иднина- изјави Сања Тасова, граѓанска активистка – Girls power

Меѓу приоритетните задачи е да се обезбеди бесплатен превоз до најблиските дневни центри, да се зголеми паричниот надоместок за родителите на децата со попреченост, воспоставување на дневни социјални услуги и активности за вклучување на локалната заедница. Во перспектива ќе се работи и на отворање на дневен центар во општината.

-Во нашата општина има 16 дечиња со попреченост. Од нив 10 се момчиња и 6 девојчиња. Со отворање на дневен центар во општината ќе се  подобрат сите вештини и знаења на децата во зависност од самиот степен на попреченост- додаде Тасова

Активностите се дел од регионалниот проект „Социјално вклучување на ранливите групи на Западен Балкан“.