Онлајн купувањето станува поскапо - 18% ДДВ и за нарачките под 22 евра
18% ДДВ за нарачките од странство под 22 евра. Владата достави предлог до Собранието за измени на Законот за данокот на додадена вредност. Тоа ќе значи поскапување за сите производи кои досега не се оданочуваа. На пример, ако маска за телефон на платформите Тему или Алиекспрес се продава за 8 евра, по измените ќе ја платите 9 и пол евра. Маица од 20 евра, ќе ја купите за безмалку 24.
Данок нема да се плаќа за пакет испратен како подарок, но под услов да не чини повеќе од 22 евра и да не е алкохол, парфем или цигари. Откако ќе биде изгласан во Собранието, законот ќе стапи во сила осмиот ден по објавувањето во Службен весник.
Првиот човек на трговската комора смета дека оваа мерка е „вистински чекор кон фер конкурентска средина“.
„Сметаме дека досега домашните компании беа ставени во нерамноправна позиција бидејќи големите онлајн платформи продаваа производи без дополнителни давачки што ја нарушуваше конкурентноста и ги потткнуваше потрошувачите да купуваат надвор од земјата. Државата не само што создава порамноправни услови за сите домашни бизниси, туку се создава простор за зголемување на надзорот врз квалитетот и безбедноста на производите коишто се продаваат и испорачуваат“ - Сашо Дукоски, претседател на Трговска комора
Од СДСМ оценија дека ова е уште еден удар врз граѓаните.
„Наместо да ги заштитат интересите на обичниот човек, на младите и семејствата кои преку интернет нарачуваат евтино, Мицкоски и неговата влада избраа да им го олеснат џебот дополнително. Мора ли оваа власт да го дере народот, кај ќе стигне за се и сешто? Зошто се удира по џебот на граѓаните и се ускратува можноста да купуваат поевтино онлајн?“, велат од опозицијата.
Купувањето преку евтини онлајн платформи зема голем залет и во Европа и во Македонија. Само во јуни, македонските граѓани нарачале 250 тони стока преку Тему. Од нив, 95 тони биле во вредност под 22 евра и за нив не е платен ниту денар. За останатата стока, државата наплатила над 680 илјади евра давачки.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар