Македонија
26. May 2016 - 13:11

Одбележана 20-годишнината од првиот лет Виена-Скопје

Авиокомпанијата „Аустриан ерлајнс“ и операторот на македонските аеродроми „ТАВ“ денеска на аеродромот „Александар Велики“ ја одбележаа 20-годишнината од првиот лет Скопје-Виена. 

Авиопревозникот првиот лет меѓу главните градови на Македонија и Австрија го реализира на 31 март 1996 година и оттогаш во континуитет опслужува до два лета дневно меѓу двете метрополи.

- Отсекогаш сме имале многу посебна врска со Македонија, поврзувајќи го вашиот главен град со нашиот во Австрија, со што обезбедуваме сигурна конекција меѓу двете земји и превезуваме голем број патници меѓу двата града, без оглед дали патуваат за бизнис или за одмор и за рекреација, истакна регионалниот директор на „Аустриан ерлајнс“, Александер Толвет. 

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски порача дека квалитетот на услугите што ги нуди компанијата „Аустриан ерлајнс“ бил пресуден за континуирано 20 години да се одржи летот Виена-Скопје и да има голем интерес за него.

- „ТАВ“ во оваа компанија гледа сигурен партнер, кој точно, навремено и безбедно ги превезува патниците од Скопје кон европските дестинации. Истовремено, преку виенскиот аеродром им овозможува директна врска и со другите континенти. Искрено се надевам дека ова партнерство ќе трае уште долги години и заедно ќе прославиме уште поголеми јубилеи, изјави Крстевски.

„ТАВ Македонија“ ја заврши 2015 година со 22 проценти пораст на вкупниот број патници на двата македонски аеродрома - скопскиот „Александар Велики“ и охридскиот „Св. Апостол Павле“, достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот број операции порасна 11 отсто, достигнувајќи 15.510.

Трендот на зголемен сообраќај продолжи и годинава. Во првите четири месеци од 2016 преку двата македонски аеродрома се превезени 486.968 патници, што е пораст од 28 отсто споредено со истиот период во 2015 година. Во исто време, бројот на операции (полетувања и слетувања) на двата аеродроми е зголемен за 15 проценти.