Бизнис
17. August 2017 - 14:29

Од октомври Еуровингс ќе лета на линијата Скопје–Минхен

Ниско-буџетната авиокомпанија Еуровингс, членка на групацијата Луфтханза од 31 октомври секој вторник и петок ќе лета на линијата Скопје–Минхен од аеродром „Александар Велики“ до главниот  аеродром во Минхен „Франц Јозеф Штраус“.

Како што најавија од авиокомпанијата, цените за авионските билети ќе почнуваат од 39,99 евра во еден правец, а од меѓународиот аеродром во Минхен патниците од Скопје ќе можат да се поврзат со повеќе дестинации во Европа и во светот.

- Со Еуровингс преговаравме веќе една година и тие решија да направата директен лет од Минхен до Скопје. Сметам дека  тој лет ќе биде многу важен, бидејќи граѓаните покрај тоа што ќе имаат директен пристап од Скопје до Минхен ќе имаат дополнителни конекции и во Европа и на интерконтинентално ниво, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Директорот за развој на мрежата на авиолинии на Еуровингс, Иван Ореч посочи дека Еуровингс е третата најголема нискобуџетна авиокомпанија во Европа и е најбрзорастечка.

- Очекуваме дека оваа година ќе ја завршиме со 22 милиони патници. Многу ми е драго што Скопје ќе биде 31-та дестинација што ја вклучуваме на нашата мапа. Минхен е втората наша најголема база за долги интерконтинентални летови и можам да најавам дека од следната пролет од Минхен ќе имаме летови до Карибите, САД, Африка и Азија, изјави Ореч.

Прашан дали во иднина планираат од Скопје да организираат летови и до некоја друга дестинација, Орич посочи дека заедно со ТАВ веќе размислуваат за некои други летови.

- Еуровингс има осум бази во Германија, две во Австрија и една во Палма де Мајорка и секако дека размислуваме и за нови линии, рече Ореч.

Најави дека билетите за летовите на оваа линија се веќе во продажба преку веб-страницата на авиокомпанијата eurowings.com.

Еуровингс ќе лета на линијата Скопје–Минхен два пати неделно, односно, секој вторник и петок, со Ербас А320-200, со капацитет од 174 седишта.

Ниско-буџетната авиокомпанија Еуровингс, со седиште во Келн, е една од петте членки на групацијата Луфтханза, вклучувајќи ги Луфтханза, Свис ерлајнс, Аустриан ерлајнс и Браселс ерлајнс. Сообраќа на повеќе од 150 дестинации во повеќе од 40 земји низ Европа и е добро позната по одличната мрежа на авиолинии до атрактивни туристички локации. Лета во многу држави во регионот, како што се Албанија, Бугарија, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора, Турција. Еуровингс е најбрзо растечка авиокомпанија во 2017 година. Еуровингс моментално работи со 100 авиони од 11 бази: Келн, Дизелдорф, Дортмунд, Хамбург, Хановер, Берлин ТЏЛ, Минхен, Штутгарт, Виена, Салцбург и Палма де Мајорка.

Дополнително, во својата флота авиокомпанијата има седум широкотрупни воздухоплови со кои лета на прекуокеанските дестинации во САД, Мексико, Карибите, Тајланд, Јужна Африка. 

ТАВ Македонија неодамна додаде шест нови авиолинии во својата мрежа на дестинации, којашто е во подем и на двата аеродроми, во Скопје и во Охрид. Преку „Александар Велики“, патниците од јули годинава се директно поврзани и со Рим, Малта и Ваксјо (Шведска) со Виз ер, додека Катар ервејс, исто така во јули, воспостави директен лет до Доха. Летната сезона пак во главната туристичка дестинација во Македонија - Охрид, беше обележана со отворањето на новата директна линија до Катовице во Полска.

ТАВ Македонија ги заврши првите седум месеци од 2017 година со 8-процентен пораст на бројот на патници, достигнувајќи 1.089.906 патници на двата македонски аеродрома – „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Во јули, на двата аеродрома се превезени вкупно 229.776 патници, што, споредено со истиот месец во 2016 година, е пораст од 15 отсто.