Од Крива Паланка до Куманово ќе се патува за 40 минути, пуштен експресниот пат Крива Паланка-Страцин
Со пуштањето на експресниот пат од Страцин до Крива Паланка, патувањето од 30 минути се крати на 10 минути, а од Крива Паланка до Куманово наместо еден час ќе се патува за 40 минути.
Патот, којшто официјално е пуштен денеска, е во должина од 25,5 километри и е дел од Коридорот 8. Вкупната инвестиција е 93,7 милиони евра од кои 80,20 милиони евра се средства од Светска Банка, а останатите се грант средства во висина од 13,50 милиони евра.
На експресниот пат има изградено три клучки, три моста, 13 вијадукти и 44 косини. Изградбата е почната во мај 2018 година, од интензивно се работеше во последните шест месеци.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски на официјалното пуштање во употреба, рече дека реализацијата на овој проект е резултат на тимска и координирана работа, а не резултат на само еден субјект.
- Во јули 2024 година кога бев избран за директор на ЈПДП, на првата делница немаше ставено ниту еден сантиметар асфалт, а денес се фалат дека останале само завршните работи. Работите беа крајно забавени. Кога дојдов за директор на ЈПДП, за мене беше предизвик и затоа одлучив целосно да се посветам на овој проект и поставив цел да се заврши до крајот на 2024 година, задоцнивме само три дена, рече Трајановски.
Посочи дека се планира и проектирање на нов експресен пат од Куманово до Страцин и изградба на клучка кај Гиновци.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој исто така присуствуваше на пуштањето во употреба на овој патен правец, рече дека овој пат не е ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, туку на граѓаните.
- Имаше и такви кои денес направија политичка промоција и наместо да им се извинат на граѓаните дека не успеале во изминатите шест години да направат нешто, денес истрчаат да соберат политички поени. Сакам да порачам дека ова е пат на граѓаните, ова не е пат ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ. Кредитот ќе биде враќан од парите на граѓаните и затоа никој не смее да го присвојува, рече Мицкоски.
Министер за транспорт и врски и вицепремиер Александар Николоски оцени дека овој патен правец е витална артерија за поврзување со Бугарија и посака да се развиваат нови индустриски капацитети и да заживее источниот дел од државата.
Ново на Сител
-
Честитка од Минчев по повод Бадник: Солидарноста и поддршката се темел на нашето општество
-
Бројот на жртви од нападот на Божиќниот пазар во Магдебург се искачи на шест
-
Опожарено возило на новинарка од Охрид
-
Повеќе од 2.000 универзитетски професори во Србија ги поддржаа студентите кои протестираат
-
Руските сили нападнаа воени аеродроми и магацини за оружје во Украина
-
Маж вооружен со нож се обиде да влезе во зграда на белгиската Влада
-
Приведено лице од Гостивар за издржување затворска казна
-
Приведени двајца штипјани кои запалиле автомобил и вршеле изнуда