Македонија
30. March 2023 - 16:31

Обвинителството ги сослушува сите кои имаат информации за смртта на Јана

Битолското обвинителство се уште не го добило обдукцискиот извештај кој треба да потврди од што почина шестгодишната Јана Христовска. 

Првиот обвинител во државата вели дека неговиот колега во Битола ги презема неоходните мерки и обезбедува докази во врска со смртта на девојчето.

-Сè уште протоколот од извршената обдукција обвинителството не го добило. Во исто време обвинителството работи на обезбедување и на други докази, сослушани се повеќе лица за кои обвинителството смета дека имаат сознанија да помогнат за расветлување на овој случај, вели Љубомир Јовески, јавен обвинител на Македонија.

На сослушување во битолското Обвинителство се уште не се повикани родителите на Јана, кои пред три дена во сведоштвото за Сител раскажаа што се случувало на 22 март и кои се нивните сомнежи. Сакаат да дознаат како нивната керќа ја внеле на нозе во болницата а по неколку часа ја изнеле во ковчег. Состојбата на Јана нагло се влошила по примање на инфузијата и ден по смртта.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат направи контрола, но не констатираа пропусти. Комисија од специјалисти формирани од Министерството за здравство исто така беше на увид, но јавно никој не кажува што утврдиле. 

Трет ден по ред поставивме прашање до здравствените власти што покажува извештајот и трет ден по ред не добиваме одговор. Фатмир Меџити не кажува и зошто не ја послетил битолската болница дента кога беше кај семејството Христовски.

Под слоганот Правда за Јана, вчера голем број граѓани протестираа во Битола и во Скопје од каде порачаа дека е доста од нефункционалноста, партизацијата и лошите услови во здравствениот систем.

Првиот човек на Владата, пак, ќе ги чека фактите а потоа ќе одлучуваат дали некој ќе одговара.