Обвинителството бара доживотен затвор за убиствата на Вања и Панче
Доживотен затвор за Манев, Видевски, Кешишев и Палевски побара обвинителството на завршницата од судењето за убиствата на Вања и Панче. Сите докази укажувале дека тие се сторители на двете злосторства, па во своето последно обраќање до судот обвинителките порачаа: „Одземање на човечки живот, особено на дете, општеството нема да толерира“.
Панче бил убиен од користољубие, неговиот автомобил да се употреби за друго убиство. Мотивот за грабнувањето на 14 годишната Вања, според обвинителството некогаш и не мора да се открие, ама тоа не е пречка обвинетите да се осудени за кривичните дела. Говорејќи за секој одделно, обвинителката рече дека Манев, Видевски и Кешишев секој поединично како сторител на двете убиства го посочиле Палевски, а тој бил и креатор на планот. Иако тврдел дека нема вмешаност, освен од исказите на тројцата обвинети, на потврда дека е тој директно вмешан, укажувале и снимки од камерите по скопските улици но и домот на Манев.
„С’ржта во нивното делување се парите. Во нивната умисла стои да земат пари од фамилијата Ѓорчевски, ама не кажуваат дека за тоа се спремни и да убијат“, рече во судницата обвинителката Ана Стојковиќ – Димитровска.
Обвинителството побара најстрога казна и за таткото Александар за кој рече дека тој го информирал Палевски за деновите кога Вања сама оди во училиште. Обвинет е за помагање во грабнување, кривично дело за кое законот предвидел казна од една до 10 години затвор. Според обвинителството, иако не постои доказ за меѓусебна комуникација, никој друг освен родителите на Вања не би знаеле дека тој ден ќе излегува сама од зградата. Не тврдиме дека сакал да му го убијат детето, ама имал придонес во киднапирењето, истакна обвинителството. Одбраната препозна потврда дека не се докажала вмешаноста на Александар.
Завршни зборови имаа и адвокатите на оштетените семејства на Вања и Панче. Во кривичниот прогон на обвинетите со барање за парично обештетување се приклучија ќерките на Жежовски, а кривична одговорност за Александар побара и неговата поранешна сопруга и мајка на Вања, Зорица Ѓорчевска. Преку нејзината адвокатка упати и писмо до судот.
„Во текот на процесот беа презентирани докази и сведоштва, слушавме теории на заговор, местенки, наводен политички прогон. Но, за жал, еден факт останува непобитен – Вања ја нема!. Ја киднапирале и ја однеле. Ја убиле бесмилосно, на најбрутален начин“, напишала во писмото Зорица Ѓорчевска, мајката на убиената Вања.
Судењето со завршни зборови продолжува идната среда..
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар