Обвинителката Крстевска Цалева поднела барање да биде ослободена од функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје
Советот на јавни обвинители на следната седница ќе одлучува по барањето на јавната обвинителка Наташа Крстевска Цалева да биде ослободена од функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје, додека трае оддалечувањето од функција на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи.
Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска, на денешната седница, информира дека во текот на вчерашниот ден до Советот е поднесена молба или барање од страна на обвинителката Наташа Крстевска Цалева.
- Краток допис во кој се наведува дека со оглед на тоа што сум штотуку дојдена во ВЈО Скопје и имам потреба да се фокусирам на предметни работење, молам да бидам ослободена од оваа задача на која подобро би одговорил јавен обвинител со поголемо работно искуство, информира Димитриевска.
Одлуката Крстевска Цалева да ја презема функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство, додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, Советот ја донесе на седница одржана на 10 февруари годинава.
Предлогот за преземање на функцијата од страна на Крстевска Цалева беше посочен од страна на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцески, како еден од можните девет јавни обвинители во Вишото јавно обвинителство кои што би можеле да ја преземат функцијата да раководи со Обвинителството.
— Сметам дека овие сега што ги има на број, треба навистина да се назначи обвинител којшто има интегритет, којшто нема никакви забелешки на неговата работа и обвинител кој ги врши сите работи. Јас како државен јавен обвинител можам да кажам дека во Вишото јавно обвинителство има обвинители кои што можат да ја вршат функцијата. Јас нема да предложам ни двајца, ниту тројца, туку само еден, а тоа е обвинителката Наташа Крстевска Цалева која што овој совет ја избра едногласно. Убеден сум дека може да ја врши функцијата чесно, законито и праведно, нагласи Коцевски.
Врз основа на наодите за констатираните состојби од извршениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје, во месец декември минатата година, Коцевски доставил предлог за поведување дисциплинска постапка против шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје Мустафа Хајрулахи и еден јавен обвинител.
Од Јавното обвинителство тогаш информираа дека Коцевски ги разгледал записникот и конечниот извештај од извршениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје, како и службените белешки во прилог, и врз основа на наодите за констатираните состојби одлучил до Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на јавните обвинители да достави предлог за поведување дисциплинска постапка против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во четири предмети во кои се откажал од жалба или обвинение.
Предлог за поведување дисциплинска постапка е поднесен и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети, како и поради констатираните неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, а денеска на седница треба да го разгледа мислењето доставено од Министерството за правда, по што согласно законските обврски, тоа ќе се достави до Советот на јавни обвинители.
Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата на РСМ одржана на 11 февруари годинава презеде активности и подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот на Република Северна Македонија.
-Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство, беше соопштено од МП.
Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
Коцевски во Собранието беше избран за нов државен јавен обвинител во февруари 2024 година. Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години.
Ново на Сител
-
Законот за високо образование ќе претрпи големи промени, најави министерката за образование Јаневска
-
МЖСПП: Милион евра грант од Шпанија за Охридското Езеро
-
Платформата на “СКОПСКО” продолжува со својата мисија за заштита на нашите природни богатства
-
Помалку превезени патници во патниот превоз во последниот квартал од 2024 година
-
Поевтинува Мазутот, цената на бензините останува иста
-
На Санторини смирена ситуацијата со земјотресите, Мицотакис порачува дека Грција е безбедна земја
-
Поранешниот потпретседател Пенс контра Трамп: Господине претседателе, не ја зборувате вистината за Украина
-
Македонските млади фудбалери им се реваншираа на врсниците од БиХ