Обвинение против полицајците за пожарот во „Пулс“, се очекува наесен
Истрагата за 29мината полициски службеници за кои има сомнеж дека замижувале пред неисполнетите услови за работа на дискотеката „Пулс“, планирано е да заврши за околу три месеци. Без да прецизира точен датум, Државниот јавен обвинител вели дека обвинението го очекува наесен. Во моментов се сослушувале осомничените и сведоци, а како што велат од обвинителството, се прибираат и други докази.
„Таму, предметот е се уште во истрага, со оглед дека нема притвор, има и законски рок за истрагата. Се надеваме негде таму околу, да не дадам сега конкретни датуми, меѓутоа, сигурно околу септември ќе се заврши истрагата и тој предмет ќе се води во Јавното обвинителство за организиран криминал“, изјави Љупчо Коцевски, Јавен обвинител.
Во меѓувреме, се чека оценка на обвинението кое гони 34ца за кочанската трагедија. Предметот е пред судиите од Кривичниот суд. Таму пристигна неделава откако во изминатите три недели, патуваше на релацијата Кочани-Штип-Скопје, за последниот збор да го има Врховниот суд. За надележен да го оценува и суди, го одреди скопскиот кривичен суд.. Сега, според Коцевски, ќе треба промена и во надлежноста на обвинителствата. Бидејќи ќе се суди во главниот град, наместо кочанското, надлежност за предметот треба да добие скопското обвинителство.
„Очекуваме обвинителниот акт да стапи на сила. Судот ќе изврши оценка на истиот, со тоа што сега од наша страна размислуваме дали ЈО треба да делегира друг ЈО имајќи предвид дека Врховниот суд одлучи дека надлежен ќе биде Основниот кривичен суд – Скопје, со тоа што проблем, ако нема делегирање, ќе биде по жалби кој ќе одлучува, дали предметот ќе се доставува до Апелациониот суд – Скопје, што и така треба, меѓутоа, дали мислење ќе дава Вишото ЈО Скопје или Вишото ЈО Штип. Тоа останува на ЈО, односно на мене како Државен јавен обвинител да одлучам во однос на делегирањето на ЈО“, изјави Коцевски.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ се случи во март годинава.. Загинаа 62ца млади, а над 200 беа повредени.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар