Слободни работни места има за среднисти со стручно образование и мануелни работници
На пазарот на труд има хроничен дефицит од работници со средна стручна подготовка и потребна е средина во која се поттикнуваат ваквите занимања.
Советот на странски инвеститори, кој проценува дека странските фирми вработуваат 50 илјади луѓе во земјава, порача дека ќе биде најголем партнер на идната влада во адресирањето на овој проблем.
- Ако поминете покрај пекара во градов, ќе видите дека речиси секоја има истакнато оглас за потребен работник. Зошто никој не сака да работи во пекара? Тоа е добра, сигурна работа. Мора да станувате рано, но тоа е цената. Не мислам дека е прашањето во висината на платите. Ако имате висока невработеност не би требало да имате потреба од високи плати туку од работни места. Ако ја зголемите квалификуваноста на работниците, ќе се зголемат и платите, рече Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.
Од агенцијата за вработување, која деновиве организира саем за вработувања, апелираат учениците да избираат стручни занимања, а нудат и обуки за стекнување на практичното искуство кое често пати е услов за добивање работа.
Слободанка Алексоска, раководител на Центар за вработување Скопје
Владата во изминатите десетина години спроведува план за поттикнување на вработувањата со низа проекти и мерки. Според евиденцијата на заводот за статистика, во тој период стапката на невработеност од 36% се намали на 23,1%.
-
Филип Момировски
Сите содржини од овој новинар