Почнува Фестивалот на нов британски филм „PlayUK“

Во организација на Британскиот совет и Младинскиот културен центар, од денеска до 19 февруари ќе се одржува Фестивалот на нов британски филм „PlayUK“ на кој премиерно ќе бидат прикажани десет играни и документарни филмови од современата британска продукција.
Фестивалот ќе биде отворен со продолжението на култниот филм „Т2 Трејнспотинг“ (Trainspotting) во кино „Милениум“, а во наредните денови проекциите ќе бидат во киното „Фросина“.
На програмата на „PlayUK“ се и: „Градот Лондон“ - документарец за животот на работничката класа во предградијата на Лондон во 1979; драмата „Уна“ - емотивна приказна за млада жена која почнува романтично патување во потрага по нејзиното минато; играниот документарец „Признание“ - за ширењето на џихадот во современиот свет и реакцијата на Западот.
Фестивалот го донесува и филмот „Слободна стрелба“ - за банди во Бостон во 1970-тите; драматичната комедија „Патувањето“ - инспирирана од точката на пресврт во британската и ирската историја; ремек-делото „Белешки за слепилото“ - филм кој го истражува внатрешниот свет на слепилото и прикажува „свет над видот“ вклучувајќи ги и соништата, сеќавањето и имагинарниот живот.
На „PlayUK“ ќе бидат прикажани и комедијата „Вештините во животот на возрасните“ - приказна за самодовербата и гордоста; „Човекот од Mo'Wax“ - документарец за животот и кариерата на музичкиот продуцент Џејмс Лавел, и „Најдоброто од нив“ - филм кој раскажува за патот на млада жена во хаосот на војната во Лондон во 1940 година.
Покрај во Скопје, фестивалот ќе се одржува уште во пет градови во регионот - Белград, Подгорица, Призрен, Сараево и Тирана.
- Филмовите кои ќе се прикажат за време на четирите дена во шест градови од регионот во рамките на фестивалот „PlayUK" ја слават човековата издржливост и способноста за изнаоѓање вистински одговори и решенија во тешки времиња, соопштија организаторите.
Целата програма на фестивалот е достапна на веб-страниците на Британскиот совет во Македонија и на Младинскиот културен центар: www.britishcouncil.mk/PlayUK и www.mkc.mk.
Ново на Сител
-

Иран: Поради американските потези во Персискиот Залив ќе има опасни последици
-

Во Собранието расправа за продолжување на рокот на кризната состојба за нафтата
-

Трамп: Денеска разговори меѓу Израел и Либан
-

Неколку убиени при нападите на Русија врз Киев, Днепар и Одеса
-

Без вода корисници на ул. „Капиштец“
-

Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
-

Мелони: Италија покажува силен интерес за заедничко производство на дронови со Украина
-

Трамп: Војната со Иран би можела брзо да заврши
