Балкан
6. February 2017 - 19:54

Романскиот премиер очекува оставка од министерот за правда

Романскиот премиер Сорин Гриндеану изјави дека можно е министерот за правда Флорин Јордаке да поднесе оставка или да биде разрешен. Но, одлуката ќе биде донесена в среда или в четврток  по изгласувањето на буџетот за 2017 година.

- Изјавив дека треба да поминат два дена, во кои ќе се разговара: првиот ден за буџетот, а вториот ден - за изгласување недоверба, посочи Гриндеану.

Тој потврди дека очекува оставка од министерот Јордаке или негово разрешување од функцијата.

- Се разбира тоа се демократски етапи, може да биде разрешена цела Влада, ако помина гласањето недоверба, посочи романскиот премиер.

Минатата недела опозициските Национално-либерална партија и Сојуз за спас на Романија поднесоа барање за изгласување на недоверба на Владата на социјалдемократот Гриндеану поради предлог-законот за измени на антикорупцискиот закон што предизвика масовни демонстрации.

Во Букурешт и други градови во земјата и во странство и денеска продолжуваат демонстрациите и покрај тоа што за време на викендот беше повлечен предлог-законот.