Македонија
8. September 2015 - 20:46

Филмот до „Балчак“ прикажан на Меѓународниот фестивал Нанси – Лорен во Франција

Македонскиот игран филм „До Балчак“ на Столе Попов, беше прикажан на Меѓународниот филмски фестивал  Нанси – Лорен, Франција, на кој присуствуваше и главната актерка во филмот, Инти Шрај, јавува дописникот на МИА.

Прикажувањето на филмот предизвика интерес кај француските медиуми. Француската национална телевизија Франс 3 прикажа извадок од филмот за време на главните вести, а за најтиражниот регионален весник во Франција „Л’Ест Републикан“ тоа беше „вистински настан“ и можност да се открие не многу познатата македонска кинематографија од страна на француската публика.

На фестивалот се одржаа две проекции на „До Балчак“ - првата под отворено небои втората во едно од најпознатите француски кина „Камео“, а публиката  реагираше многу позитивно и учествуваше во дискусијата по неговото прикажување.

Организорите на фестивалот во Нанси филмот го прикажаа во оригиналната верзија и самите го направија преводот на француски јазик на титловите на филмот. Учеството на филмот на францускиот фестивал беше овозможено од Агенцијата за Филм на Република Македонија и режисерот Столе Попов, кој од оправдани причини не можеше да допатува во Нанси.

- За мене ова прикажување во Франција беше многу важно, бидејќи во половината од филмот зборувам на француски. Јас сум многу среќна што филмот излезе од регионот на Балканот, што по прв пат сe прикажа тука и што тој и се допадна на публиката. Жал ми е што не беше тука целата екипа. Но, среќна сум што барем јас го претставив филмот на фестивалот, изјави Шрај, која е со француско и словенечко потекло.

„Меѓународниот филмски фестивал Нанси-Лорен“, кој годинава го имаше своето 21-во издание е организиаран од асоцијацијата „Ај Ај В.О.“.