Македонија
5. July 2015 - 20:17

Отпишани долговите на над 13.000 граѓани

Над 13 000 семејства досега добија отпис на долговите од државата. Владата продолжува да го реализира проектот за помош на ранливите категории. Премиерот Груевски денеска истакна дека дополнителни 1500 барања за отпис на долговите се во процедура, а се очекува до крајот на процесот бројката да достигне и до 15 000 отпишани долгови.

- Процесот успешно се одвива, 25 милиони евра да им се опростат на луѓе од ранливи категории коишто имаат сериозни тешкотии да си ги платат долговите е навистина сериозна помош за тие луѓе и за тие семејства. Од тој аспект она што го ветивме на изборите минатата година можам да кажам дека веќе 90 отсто е реализирано, а останатите 10 отсто ќе бидат реализирани во наредните недели и месеци, рече Груевски во изјава за медиумите при денешната посета на Дојран

Владата ја донесе мерката за отпис на долгови минатата година за да им помогне на најранливите категории граѓани. Овие граѓани можеа да побараат да им бидат отпишани долговите по основ на потрошена струја, греење, кредитни картички, пречекорување на трансакциски сметки, потрошувачки кредити како и радиодифузна такса, настанати заклучно 31 декември 2013 та година

Најмногу отпишани долгови има за неплатените сметки за струја и кредити во банките, а најмалку за греење и радиодифузна такса.