Бизнис
10. December 2016 - 16:28

Статистика: Невработеноста падна на рекордно ниско ниво - 23,4%

Стапката на невработеност во третиот квартал се намалила на 23,4% што е најнизок процент откако државниот завод за статистика го врши ова мерење.

Во третото тримесечје од 2016 година активното население во Македонија брои 949.944 лица од кои вработени се 727.985, а невработени 221.959 лица. Во однос на истиот период лани, невработеноста е за 2,1% пониска или разликата е во над 16 илјади луѓе кои во третиот квартал оваа година се вработени.

Податоците велат дека во 1993 година невработеноста изнесувала 27,7%. За една година значително се влошува и достига 30%. Во следните три години се искачува на 37 отсто. Рекордно висока стапката на невработеност е забележана  2005 година, 37,3 проценти.

Стапката паѓа под 30% дури во 2013 кога е измерена стапка од 29 отсто во период на значително опаѓање кој трае и во последниот измерен квартал од оваа година.

Меѓу другото намалувањето се поврзува со поголемиот број на странски директни инвестиции кои се реализираа. Џонсон Контролс и Џонсон Мети беа меѓи првите поголеми странски фабрики отворени во земјава кои ги проширија своите активности во нови погони, а по нив следеа серија инвестиции од автомобилската и други индустрии.

Технохозе, Кемет Електроникс, Ван Хул, Диатек, Делфи, АРЦ, Герман Електро Мекатроникс, Кондево, Текникал Текстајлс, ОДВ Електрик, Костал, Амфенол,  Леар, Ки Сејфти, Гентерм, се само дел од компаниите кои веќе работат, ги градат или прошируваат своите инвестиции во земјата.

Американската Броудстоун Дифенсе, германската ВИГ, грчката Секе,турскта Чагатај Кабло, полската Лубринафт, индиската Malhotra Cables се меѓу најновите имиња на компании кои донеле одлука да инвестираат во Македонија.

Статистиката покажува дека изминатите десет години се отворени околку 160 илјади работни места.

Стапка на невработеност

 

1993                                     27,7%

1994                                     30%

1997                                     37%

2004                                    37,2%

2005                                    37,3%

2006                                     36%

2007                                     34,9%

2008                                     33,8%

2009                                    32,2%

2010                                     32%

2011                                      31,4%

2012                                      31%

2013                                      29%

2014                                     27,6%

2015                                     24,6%

Трет квартал 2016      23,4%

 

Извор ДЗС