Балкан
9. November 2016 - 20:33

Уапсен турски судија од Меѓународниот суд на ОН

Турски судија од Меѓународниот суд на Обединети нации, кои им суди на воените злосторници од поранешна Југославија и за геоцидот во Руанда, е уапсен во Турција поради поврзаност со обидот за воен удар во јули.

Претседателот на Судот, Теодор Мерон пред Генералното собрание на ОН изјави дека Турција ги игнорира молбите да го посети судијата Ајдан Седаф Акај, кој е уапсен на 21 септември.

Мерон посочи дека со апсењето на Акај се нарушува судската независност.

- Службата на ОН за правни прашања побарала ослободување на Акај и стопирање на сите правни процедури против него, истакна Мерон, додавајќи дека тоа е прв случај на апсење, со што се крши имунитетот на судиите на ОН.

Во времето кога беше уапсен Акај требаше да ја ислуша жалбата за делото против Аугустин Нгирабатваре, политичар од Руанда, осуден во 2012 година на 35 години затвор за геноцид. Поради приведувањето на Акај стопирани се судските процеси.

Турските власти уапсија десетици илјади луѓе по обидот за пуч, за што турските власти ги обвинуваат исламскиот проповедник Фејтулах Ѓулен.