Бизнис
19. October 2016 - 19:45

КПМГ објави извештај за инвестициските можности во Македонија

КПМГ, една од четирите најголеми ревизориски куќи во светот, објави извештај за инвестициските можности во Македонија.

Извештајот темелно ги истражува условите за вложување и водење бизнис во земјава, покривајќи ги различните сфери како што се работната сила, инфраструктурата, даноците, пазарите на капитал, недвижностите и регулативата во секоја област од стопанисувањето.

Посебен осврт се дава на инвестирањето во зоните, при што странските компании се ослободени од данок на добивка и персонален данок во период на 10 години, ослободувањ од ДДВ за трговија во зоните и увоз, како и одредени царински ослободувања, бесплатно поврзување со вода, греењ, гас и други поволности, нотира извештајот напоменувајќи и дека земјата има рамен данок од 10 проценти. Компаниите се ослободени од данок на добивка доколку ја реинвестираат.

Иако се уште висока, невработеноста изминатите години стабилно опаѓа. Македонската работна сила е главно високостручна и добро образувана, додека платите се значително пониски од оние во Западна Европа што создава потенцијал за трудоинтезивни инвестиции, констатира КПМГ.

Ревизориската куќа набројува низа глобални брендови кои почнаа со работа во земајта изминатиот период, како Џонсон Контролс, ЕВН, ТАВ, Арчелор Митал, Маркард, Дрекслемаер, Ван хул, Кемет, Гентерм, Костал, Филип Морис и други.

Македонија е добро позиционирана како транспортен центар во регионот и на клучни рути меѓу Европа и Азија. Повеќето патишта се со добар квалитет, особено транзитните рути кои се главно автопат, а се напоменува и изградбата на железницата од Бугарија кон Албанија како дел од Коридорот 8.

Покрај учестовото во клучните меѓународни трговски договори КПМГ наведува и дека Македонија има билатерални договори за заштита на инвестициите со 38 земји.