Функционер на британската УКИП „пребега“ во Конзервативната партија

Високиот функционер на британската антиевропска партија УКИП, Крис Вуд, соопшти дека ја напушта партијата и преминува во редовите на владејачките конзервативци, објаснувајќи го својот „пребег“ со длабоката разочараност од партиските состојби.
Вуд е поранешен ториевец, кој пред шест години им се приклучи на УКИП (Партија на независноста на Обединетото кралство), тогаш незадоволен од европската политика на конзервативците, јави Би-Би-Си.
Сегашната негова одлука за враќање, доаѓа по оставката на Дијана Џејмс, само 18 денови откако беше избрана за нов лидер на УКИП, по повлекувањето на Најџел Фараж во јули, како и по скандалот во Стразбур од минатата недела.
Во зградата на европскиот Парламент дојде до тепачка меѓу двајца европратеници на УКИП, собрани на партиски состанок, на кој се зборувало за состојбите во нивната партија.
По бурната расправија, едниот од нив, Мајк Хукам му удрил тупаница на својот партиски колега и политички противник Стив Вулфи, по што овој падна во несвест и беше итно префрлен во болница.
„Бегалецот“ Вуд изјави дека инцидентот не е изненадување, затоа што партијата веќе подолго време се наоѓа во криза.
Набљудувачите во Лондон забележуваат дека кризата се гледа не само со тепачката во која „жртвата“ е главниот претендент за нов партиски лидер, туку и со оставките - прво на Фараж, а потоа и на Џејмс, иако УКИП го оствари она за што и беше создадена од пратеници и активисти на ториевците - Британија да излезе од ЕУ.
УКИП има бројни советнички места во општините на Англија и победи на последните избори за европскиот Парламент, но има само еден пратеник во Вестминстер, во Лондон.
Тоа не е доскорешниот лидер Фараж, кој сега е привремен лидер, туку еден конзервативен пратеник кој пред две години „пребега“ кај антиевропејците.
Ново на Сител
-

Николоски: Решение за македонските превозници ќе има, проблемот е високо на агендата на Брисел
-

Јаневска: Со новиот Закон за високо образование ние го подобруваме квалитетот на образованието
-

Трамп изјави дека е „срамна“ одлуката на Врховниот суд да ги поништи царините
-

Паднато дрво кај Католичка – затворена улицата „Костурски Херои“
-

Поднесено обвинение за палењето на „Вјесник“
-

По дојава од ФБИ за закана за масовно убиство на Discord, уапсени две лица со арсенал оружје во Мала Речица
-

Кривична пријава против поранешна директорка на Клиничка болница Битола
-

Шест лица под истрага за запленетата марихуана во Србија
