Антички накит од Македонија на изложба во Њујорк
Во Македонскиот културен центар „MC Gallery“ во Њујорк на 13 октомври ќе биде отворена изложба „Накитот низ вековите од Република Македонија“ на Археолошкиот музеј на Македонија. Ќе бидат претставени 68 музејски копии кои се меѓу артефактите накит што биле откриени на тлото на Македонија при ископувањата во изминатите 70 години.
Директорката на Археолошкиот музеј Весела Честоева денеска на прес-конференција рече дека артефактите што ќе бидат презентирани претставуваат сведоштво за културниот континуитет и идентитет, уметничките тенденции и иновативниот дух на луѓето што живееле на оваа територија од околу 7000 години п.н.е. до крајот на 20 век.
Посочи дека најатрактивен во античкиот период е накитот од злато од времето на македонското кралство на Александар Велики и неговите наследници. Во комбинација со скапоцени камења, златниот накит прикажува декорации, како гулабици, лавови, сфинги, божества... Изложбата го прикажува и посебниот статус на одредени личности кои своето богатство го користеле во постхумни цели.
- Раниот средновековен период го одбележува времето на конфликтите и поделбите но, пред се, христијанизацијата, која на оваа изложба е прикажана преку парчиња накит како што се бронзени крстови - реликвијари со христијанска иконографија што нуди заштитничка моќ на верниците. Од друга страна, доцниот среден век покажува нов сјај во изработка на накитот со нова техника на филигран и гранулација на сребро. Прекрасната изведба на филигранската техника зрачи со исклучителна убавина и претставува врвен израз на креативноста на македонскиот традиционален накит, истакна Честоева.
Презентацијата на накит ќе биде надополнета и со неколку керамички тоалетни аксесоари за чување антички скапоцени етерични масла, парфеми и шминки, како и кутии за накит. Ќе бидат претставени и антропоморфни теракотни фигурини со украсни елементи од накит.
Мал дел од изложбата ќе биде интерактивен за посетителите, кои ќе имаат уникатна можност на себе да испробаат копии од неколку видови антички накит и со нив да се фотографираат во соодветно адаптиран простор.
Комесар на изложбата е Јане Клековски, а стручни соработници Ѓорѓи Алтанџиев и Наташа Скендерска. Изложбата во „MC Gallery“ во Њујорк ќе биде поставена до 31 октомври.
Ново на Сител
-
Демонстрантите во Нови Сад - 48 часа пред Градското собрание за да им се исполнат барањата
-
Нетанјаху го разреши министерот за одбрана Јоав Галант
-
Почна протест во Нови Сад, развиен транспарент - Виновни сте, ќе одговарате
-
Блокадата на пристапот кон депонијата кај Кочани продолжува, дел од барањата се исполнуваат
-
Две пријави за напад на ученици и еден за наставник во два одвоени случаи, поднесени во кумановската полиција
-
СЗО: Голема медицинска евакуација од Газа е планирана неделава
-
СВР Велес со детали за сообраќајката во која загина едно лице, а три се тешко повредени кај Рибарци
-
„Гледам момче бледо како крпа, ги нема нозете а нема крв“, потресна исповед на таксист кој помагал на повредените во несреќата во Нови Сад