Десетици тони токсични експлозивни материи се чуваат во дотраени садови во Охис
Околу 70 тони токсично-експлозивни хемикалии се складирани во Охис, државна компанија која веќе два месеци е во стечај.
Се работи за опасни суровини како винил хлорид, метанол и други материи, кои освен што се отровни, се и високо запаливи.
Во случај на некаков инцидент со резервоарите во кои се чуваат тие може да предизвикаат голема еколошка хаварија.
За илустрација, испарувањата на околу 1000 грама хлор во гасовита состојба може да предизвикаат смрт во зона од 500 квадрати. Во Охис се чуваат три тона.
Според нашите информации, хемикалиите се во фабриката од 1999 година и се со истечен рок. Изворите на Сител велат дека така опасни суровини не би требало да стојат во фабрика која повеќе не работи.
За разлика од линданот, за кој властите најавија план за отстранување до 2019, овие токсични суровини се всушност дел од стечајната маса на некогашниот хемиски гигант и би можеле да бидат преземени од некој доверител. Нивното отстранување во моментов би чинело од 100 до 200 илјади евра.
Стечајниот управник, Маринко Сазадов, тврди дека хемикалиите се чуваат согласно законските прописи со дневен надзор од инженери ангажирани за таа намена, како и дека за нивната состојба редовно се известува министерството за животна средина. За нивен надзор биле задолжени и 25 чувари и уште 8 лица од пожарниската служба на фабриката.
Заклучно со 15 јули треба да се утврдат доверителите и на собрание да се одлучи дали ќе следи ликвидација или реорганизација на осумте ДООЕЛ-и и нивниот оснивач АД Охис.
Доколку не се преземе нешто пред тоа, справувањето со хемикалиите ќе стане обврска на евентуалниот нов сопственик.
-

Филип Момировски
Сите содржини од овој новинар
