Македонија
22. May 2016 - 9:32

Етернијан на меѓународен поетски фестивал во Бугарија

Македонскиот поет Јовица Тасевски-Етернијан од денеска до 25 мај ​ќе учествува на ​јубилејното 10. издание на Меѓународниот поетски фестивал „Сл​ове​нска прегратка“ ​во Варна и Плиска во Бугарија.

Фестивалот го организира Словенската литературна и уметничка академија, ​а​ се одржува во чест на сесловенските просветители  Кирил и Методиј​.

Програмата на ​10. ​Меѓународен поетски фестивал „Сл​ове​нска прегратка“ опфаќа поетски читања, ликовни изложби, концерти, тркалезна маса​, работилници за превод и други содржини.​

Претседател на Словенската литературна и уметничка академија е бугарската поетеса Елка Њаголова, координатор за Македонија​ е поетот и книжевен критичар​ Бранко Цветкоски, а членови се академик Влада Урошевиќ, Раде Силјан и др.

Јовица Тасевски-Етернијан е автор на шест поетски и две критичко-есеистички книги. Неговата поезија е преведена на петнаесетина јазици и објавена е во списанија и антологии во над дваесет држави. Го има добиено интернационалното поетско признание „Восхитувачки поет“ што се доделува во Индија за исклучителен придонес во современата поезија.

Книга ​со избрани песни од Тасевски-Етернијан претходно е објавена во Бугарија во препев на бугарскиот поет Петар Караангов, а во бугарската периодика се објавени повеќе негови песни препеани на бугарски јазик од поетите Роман Кисјов и Николај Шопов.