Во Њујорк почна снимањето на „Бикини“ петтиот филм на Милчо Манчевски

Во Ист Вилиџ на Менхетен падна првата клапа на „Бикини“, петтиот игран филм на Милчо Манчевски што се снима во Њујорк. Снимањето продолжува во Вилијамсбург, на повеќе локации низ Њујорк како и во едно студио во Бруклин.
- Ми се чини дека нема поприродно чувство од тоа да снимаш во Њујорк, изјави Манчевски, кој е сценарист и режисер на филмот.
„Бикини“ ќе се снима до средината на јуни, а ќе биде завршен до крајот на годината.Филмот е копродукција меѓу САД, Германија и Канада, а продуценти се „Цар филмс“ и „Милкмен продакшн“.
Новиот филм на Манчевски е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.
Во насловната улога настапува Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е ќерка на позната глумица Фелиша Рашад, која се прослави со серијата „Козби шоу“. Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.
Директор на фотографија е младиот њујоршки „вундеркинд“ Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, кој соработува со Манчевски на сите негови филмови.

„Бикини“ е прв долгометражен филм на Манчевски во САД по епизодата на серијата „Прислушкувачи“ (The Wire), која тој ја режираше за „Ејч-Би-О“ во 2002 година. По студиите во САД, Манчевски живее во Њујорк од 1985 година, каде е неговото професионално формирање и каде освои награда на музичката телевизија Ем-Ти-Ви за спотот „Тенеси“, потоа прогласен за еден од 100-те најдобри во историјата.
- „Бикини“, како и моите досегашни филмови зборува за природата на вистината, лагата и илузијата. Филмот ќе го има мирисот на Њујорк, се снима на повеќе локации во градот кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа, и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на фајнал кат (право на финална верзија), изјави Манчевски претходно за „Бикини“.
„Бикини“ е првиот филм на Манчевски во кој не учествува Македонија.
Манчевски сними четири филма во Македонија како европски копродукции, финансирани од владите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Бугарија и Еуримаж. Македонија во овие филмови учествуваше со една петтина од целокупните буџети.
Неговите македонски филмови „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ ја презентираа македонската култура на сите шест континенти, со комерцијална дистрибуција во над 50 земји, проекции на над 200 фестивали и над 40 меѓународни награди, меѓу кои и „Златниот лав“ во Венеција и номинација за Оскар.
Манчевски предава филмска режија на постдипломските студии во Њујорк.
Ново на Сител
-

Тешка сообраќајка во Словенија, тројца Македонци загинаа
-

Редовна дератизација, дезинфекција и дезинсекција во сите училишта во Карпош
-

Бројот на жртви во земјотресот во Индонезија се искачи на 111, над 176.000 лица се раселени
-

Бела куќа: САД и Иран во моментот не преговараат за прекин на војната
-

Џордан Питерсон: Интелигенција е „како размислуваш“, а не „што мислиш“
-

Мицкоски: Остануваме на стратегијата за дата центри, светот ова ќе го развива, прашање е ние дали ќе го препознаеме моментот
-

Казни до 10.000 евра за трговците кои не се придржуваат на одлуката за намалување на цените на училишниот прибор
-

Почина Ратко Младиќ
