Македонија
13. May 2016 - 8:45

Во 12 сообраќајки вчера во Скопје, шест лица повредени

Во текот на изминатиот ден на подрачјето на СВР Скопје се случиле 12 сообраќајни незгоди, од кои осум се со последица материјална штета и три се со последица телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле пет лица.

Се случила и една незгода со последица тешка телесна повреда во која со тешки телесни повреди здобило едно лице.

Како што информира за МИА главниот инспектор Сашо Дамјановски од СВР - Скопје, во текот на изминатиот ден по спроведените контроли над учесниците во сообраќајот од страна на сообраќајната полиција, откриени и санкционирани се поголем број прекршоци. 

Седумдесет возачи не ги почитувале ограничувањата на брзината на движење, седум возачи го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај и тројца возачи за време на управување на возилото не го користеле сигурносниот појас или го користеле мобилниот телефон. Затекнати се и пет пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено светло на семафор, осум возачи го управувале возилото по истекот на важноста на сообраќајната дозвола и 37 непрописно паркирани возила.

Со помош на специјалното возило во текот на изминатиот ден отстранети се 47 возила.

Во делот на превентивните активности денеска ќе се одржат едукативни работилници со учениците од четврто одделение во ОУ „Јоаким Крчовски“, општина Ѓорче Петров. 

Во рамките на сообраќајно воспитната манифестација во сабота и во недела во ОУ „Војдан Чернодрински“ од 9 до 14 часот ќе се одржи Регионален натпревар „Детски семафор“ во кој со велосипеди ќе земат учество ученици од основните училишта од Град Скопје.

Во понеделник со почеток во 20 часот на фудбалската арена „Филип Втори“ во рамки на Купот на Македонија во фудбал ќе се одигра фудбалски натпревар помеѓу ФК Работнички и ФК Шкендија. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот од сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување и пренасочување на сообраќајот.