Македонија, Србија, Грција и Бугарија ги интензивираат регионалните енергетски врски и новите коридори за снабдување

Сигурноста на снабдувањето со енергенси (струја, природен гас, нафта) и координацијата на планираните проектни активности за подобрување на отпорноста и флексибилноста на електроенергетските системи, се во фокусот на денешниот втор министерски самит за енергетика што се одржува во Белград.
Самитот почна со пленарен состанок на делегациите од Македонија, Србија, Бугарија и Грција, предводени од ресорните министри, Сања Божиновска, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, Ива Петрова и Ставрос Папаставру.
Искористување на гасниот интерконектор Бугарија - Србија, развој на Вертикалниот гасен коридор, пристап на Србија и Македонија до капацитетите за ЛНГ (течен природен гас) во Грција (при што Александруполис ќе служи како регионална влезна точка), координација на капацитетите и режимите на работа меѓу операторите на преносните системи, заеднички механизми во случај на криза со снабдувањето со гас, планирање на гасната инфраструктура со оглед на идната употреба на водород и обновливи гасови, како и заедничка или координирана набавка на гас, се само некои од темите на состанокот.
Според агендата, ќе стане збор и за потенцијална рута за југоисточен центар (хаб) на националниот систем на нафтоводи, долж рутата Солун – Скопје – Ниш, но и за можноста за поврзување на Србија преку Македонија, со енергетската инфраструктура и пристаништето во Солун.
Се очекува министрите да разменат и информации за достапноста на енергија во текот на претстојната зимска сезона, за потенцијалот за размена на електрична енергија и подготвеноста на преносните системи (особено во светло на предизвиците искусени во текот на летото), за планираните проекти за обновлива енергија, развојот на преносната мрежа и проектите за складирање енергија (батерии и реверзибилни хидроелектрани) за кои се разговараше на 15 мај во Атина (на првиот самит), за проблемите со високиот напон во регионот – инсталирање компензатор во трансформаторската станица (трафостаницата) „Врање 4“ до крајот на годината, како и за високите нивоа на оптоварување на регионалната преносна мрежа на 12 септември 2026 година.
По состанокот е предвидено да се одржи заедничка прес-конференција.
МИА
Ново на Сител
-

Николоски: Градскиот воз и електричните еколошки автобуси се придонес кон намалување на аерозагадувањето во Скопје
-
Николоски: Нема политички договор со Бугарија за случајот Ива Михајлова
-

Трамп: Егзекуцијата на Нидал Хасан нема да биде емитувана во живо
-

Новиот Луна парк во Скопје треба да биде готов до крајот на 2027 година
-

Истрага против 20-годишник за компјутерска измама, злоупотреба на лични податоци и детска порнографија
-

Приведени 11 возачи за „безобѕирно управување возило“ во изминатото деноноќие
-

Хориха од денес дел од македонската ракометна репрезентација
-

Маск повторно го повика Зеленски да се повлече од претседателската функција
