Одбележување на Светската недела на вселената

Македонија со низа едукативни и научно-популарни настани ќе ја одбележи Светската недела на вселената, која годинава се одржува под мотото „Ракетна револуција“ и е посветена на брзите промени во пристапот до вселената, на трансформацијата на вселенскиот сектор, кој од домен резервиран исклучиво за државни програми сè повеќе се отвора кон приватни компании, универзитетски тимови, стартапи и нови национални вселенски иницијативи.
Светската недела на вселената традиционално се одбележува од 4 до 10 октомври, во чест на два значајни настани во историјата на вселенските истражувања – лансирањето на првиот вештачки сателит „Спутник 1“ на 4 октомври 1957 година и потпишувањето на Договорот за мирно користење на вселената на 10 октомври 1967 година.
Националната координаторка на Светската недела на вселената во Македонија, Марина Таневска, посочува дека целта на манифестацијата е да ги приближи достигнувањата од вселенските истражувања до пошироката јавност и да ги инспирира младите за наука и технологија.
Во рамки на одбележувањето во земјава ќе бидат организирани повеќе активности, меѓу кои натпревар за избор на вселенски мурал, онлајн панел-дискусија на тема „Жените во вселената: патишта, перспективи и можности“, како и предавање на Скопското астрономско друштво на тема „Колку е голема Вселената“.
Покрај овие настани, најавени се и бројни образовни активности во градинки и училишта низ државата, со цел најмладите да се запознаат со основите на астрономијата, вселенските мисии и современите технолошки достигнувања.
Минатата година Светската недела на вселената била одбележана со околу 50.000 настани во повеќе од 100 земји ширум светот, а организаторите очекуваат годинава интересот да биде уште поголем.
МИА
Ново на Сител
-

Клековски: Годинава извршени 15 трансплантации на бубрег, до крајот на годината планирани уште три
-

Малолетничка сексуално вознемирена во автобус во Скопје
-

Kривична пријава за двајца вработени во Брзата помош во Тетово – не испратиле екипа за повредено лице
-

Сведоци на одбраната: Полицијата била пред дискотеката и помагала по пожарот во „Пулс“
-

Скопје ќе се украси до 15 декември – елка од 13 метри и новогодишни декорации за околу 73.000 евра
-

Македонските „Тигри“ меѓу десетте најдобри на меѓународен снајперски натпревар во Турција | ФОТО
-

ЕУ отвори истрага против Booking.com поради лажни огласи и измами – се заканува казна до 6% од глобалниот промет
-

Мицкоски од Самитот во Црна Гора: Очекувам силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ
