Македонија
26. September 2026 - 16:38

Младите од Прилеп ги презентираа своите бизнис идеи пред Стопанската комора

Дваесетина средношколски тимови, како и млади индивидуалци од Прилеп денеска имаа можност да ги презентираат своите бизнис идеи пред стопанствениците од градот, како и пред претставници на Стопанската комора на Македонија, со цел истите да бидат прифатени и да се имплементираат во нашата економија.

Младите сметаат дека овие настани се одлична можност за презентација на нивните идеи, прифаќање на истите, а со тоа е и можност наместо во странство својата иднина да ја гледат дома.

„Добар е овој прием, мислам дека може да помогне многу во Македонија за децата кои сакаат да ги истакнат своите дела, своите умови, да направат свои идеи кои можат да помогнат во Македонија, но и низ целиот свет“, истакна Стефан Мојсоски, учесник во PITCH презентацијата.

„Се работи за воспоставување на еден дигитален градски информативен часовник, како спој на современата технологија, но и зачувување на традицијата, со различни приказни и кратки исечоци од нашиот град. Воедно би служел и за развојот на туризмот на тој начин што преку кју-ар кодови туристите ќе имаат пристап до различни локации и информации за Прилеп“, рече Марија Матеска, учесник во PITCH презентацијата.

„Всушност најголемите компании во светот станале од една 5 минутна пич презентација некаде, тие се сега успешни луѓе. Зошто да не го овозможиме ова и за прилепските младинци“, додаде Јасмина Гулевска, претседател на GenVibe Прилеп.

Според Стопанската комора развојот на образованието бил еден од клучните нејзини приоритети како главен фактор за развој на економијата и создавање на кадар според потребите на пазарот на труд.

„Заедно со развојната германска банка веќе при 3 повика поврзавме компании, средни училишта и лаборатории кои работат на воведување иновативни проекти на нови машини кои го оптимизираат процесот на производство и кои ги прават поконкурентни македонските компании. Затоа и денешниот настан е од особено значење и за Комората“, вели Даниела Михајловска Василевска, Стопанска комора на Македонија.

„Сметаме дека во овој свет на индивидуализам младите ќе можат да бидат слушнати, да бидат докажани, да се докажат пред јавноста и нивните идеи да бидат слушнати од бизнис заедницата“, изјави Никола Мариновски, претседател на Регионална Стопанска комора Прилеп.

„Стоиме на тоа дека треба конечно да се запре негативниот тренд на младите да гледаат излез единствено надвор од границите на оваа држава, туку да почнат да се трудат оние идеи кои ги имаат, заедно со искуството од бизнис заедницата да ги имплементираат во развој на нови бизнис идеи и размена на нови бизниси“, потенцираше Дејан Продановски, градоначалник на Прилеп.

Младите истакнаа дека ваквите настани треба да ги има што е можно повеќе за да тие се мотивираат својата иднина да ја гледаат тука.