Македонскиот тим се враќа со сребрен и бронзен медал од 33. Балканска олимпијада по информатика во Тирана

Македонскиот тим кој учествува на 33. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2026) во Тирана, освои сребрен и бронзен медал. Во тимот, предводен од Благојче Павлески и Петар Ковачовски, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), се Владимир Грчев од Кочани, Дамјан Давков од Штип, Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица. Грчев се закити со сребрен медал, а Дамјан Давков со бронзен медал. Стојковски и Кренков, пак, освоија олимписки пофалби.
Професорот Миле Јованов кој е и претседател на Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ), повторно беше избран за претседател на Балканската олимпијада во следниот тригодишен мандатен период.
-Секој медал освоен на овие натпревари е потврда за трудот што нашите ученици, наставници и ментори го вложуваат во текот на целата година. Владимир и Дамјан со своите медали, а Никола и Марко со освоените пофалби, покажаа дека Македонија продолжува да произведува млади информатичари способни да се мерат со најдобрите во регионот. Ваквиот континуитет на резултати не е случаен, туку е плод на долгогодишниот систем на подготовки и натпревари што го негуваме заедно со ФИНКИ, изјави Јованов.
Учениците кои се дел од македонскиот тим за БОИ 2026 беа избрани преку целогодишен циклус натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 37-ми пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk, кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи, а циклусот беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и на неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Нетцетера и Семос едукација.
Балканската олимпијада по информатика (БОИ) е врвен натпревар во програмирање за средношколци од земји кои се наоѓаат на или околу Балканскиот полуостров, а се организира секоја година од 1993 година наваму. На годинашното, 33. издание, учествуваат натпреварувачи од 13 земји-членки на БОИ заедницата (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија, Словенија и Турција), а како гости настапуваат и претставници на уште пет земји (Грузија, Киргистан, Саудиска Арабија, Туркменистан и Украина). Учениците се натпреваруваат индивидуално во решавање алгоритамски проблеми во текот на два натпреварувачки дена.
Домаќин на БОИ 2026 која се одржува од 14-ти до 20 септември, е STEM Hub Center.
Следниот настан кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е Јуниорската балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026), која ќе се одржи од 22-ри до 28-ми септември во Сараево, Босна и Херцеговина. Следната, 34-та по ред Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2027), ќе се одржи идната година во Турција.
МИА
Ново на Сител
-

Осум повредени на протестите во Тирана, запалена општината и вратата на Министерството за животна средина
-

На протестите во Франција уапсени 135 луѓе, не се регистрирани сериозни инциденти
-

Мицкоски од Брвеница: Довербата се гради со одговорна работа и конкретни проекти
-

Ноќеска часовниците ги враќаме еден час назад - почнува зимското сметање на времето
-

Кривична пријава против две лица поради нелегален транспорт на дрва
-

Во гостиварско приведени четири лица откако биле затекнати како вршат нелегален ископ за пронаоѓање злато
-

Приведени повеќе лица за нарушување јавен рeд и мир со меѓусебна физичка пресметка, употребиле стаклен предмет
-

19-годишниот Македонец кај кого биле пронајдени фалсификувани 98.500 евра останува во притвор во Бугарија
