Штип го зголемува паркинг капацитетот
Завршија градежните активности околу изградбата на новата катна гаража кај зградата „Промаја“во Штип. Објектот веќе се користи за паркирање, а се очекува на следната седница на Советот да биде ставен и во Програмата за паркирање на ЈП „Стипион“. За изградбата на катната гаража, која се протега на три нивоа, од буџетот на Општина Штип се издвоени повеќе од 20 милиони денари. Со неа се обезбедени повеќе од 40 паркинг позиции.
- Оваа локација во минатото беше една неуредена површина, која успеавме рационално да ја искористиме и да овозможиме повеќе од 40 паркинг позиции на три нивоа. За овој дел од градот се многу битни и многу важни, затоа што конфигурацијата на теренот во овој дел на градот не дозволуваше претходно можност за паркирање, а веќе со изградбата на оваа катна гаража на три нивоа верувам дека значително ќе се подобри состојбата со простор за и површини за паркирање, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Од Општината најавуваат дека ќе продолжи уредувањето на неискористените површини, особено во централното градско подрачје, со цел да се обезбедат дополнителни паркинг места.
- Веќе се изработува уште еден проект за катна гаража на неколку нивоа позади административната зграда на општина Штип, а се размислува исто така до Трговскиот центар површината да биде уредена со еден ваков тип на паркирање и на тој начин во централното градско подрачје да се обезбедат дополнителни паркинг површини и можност за паркирање, додадевели Јорданов.
Јорданов додаде дека тенденцијата за зголемување на бројот на паркинг места ќе продолжи и во останатите делови од градот, за да се намали сообраќајниот метеж. Тој апелираше граѓаните повеќе да го користат и јавниот автобуски превоз.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
