Македонија
15. September 2026 - 12:26

ИПР бара трајно решение за кучињата скитници

Општините од Источниот плански регион сами ќе ја финансираат изработката на физибилити студијата за изградба на регионален стационар за бездомни кучиња. За студијата ќе бидат издвоени 5 милиони денари, а средствата ќе ги обезбедат 11-те општини пропорционално според бројот на жители. Тоа значи дека оптините Штип и Кочани од окалните буџети ќе издвојат половина од средствата. Со физибилити студијата треба да се утврди најсоодветната локација, капацитетот и начинот на функционирање на стационарот, кој треба да претставува регионално решение за проблемот со бездомните животни. Одлуката за изградба на стационар ја донесе Советот на Источниот плански регион. Првично, општините ќе обезбедат околу 100 илјади евра, а во понатамошната фаза се очекува обезбедување и на дополнителни средства.

- Имаше понудено од страна на градоначалникот на општина Карбинци една локација, а има понуди и од други соседни општини. За тоа ќе одлучат нашите консултанти, односно проектантите, каде е најсоодветно. Нам ни е важно да изградиме стационар каде ќе бидат згрижени бездомните животни, изјави Тони Тоневски, претседател на Источниот плански регион.

Во моментов бездомните кучиња во општините се заловуваат и хумано се третираат преку ангажирање специјализирани фирми. Но, од Источниот плански регион оценуваат дека овој модел е скап и не го решава проблемот на долг рок.

- Ние решивме оваа година да направиме уште еден чекор во поглед на решавање на проблемот со бездомните животни, а тоа е да ги стимулираме сите сопственици на домашни миленици да ги кастрираат, односно да ги субвенционираме како општина, заедно со ветеринарните станици, додаде Тоневски.

Со регионалниот пристап, општините очекуваат поефикасно справување со проблемот и подобра контрола на бројот на бездомни животни на терен.