51 инфлуенсер, луксузни хотели и забави: Ќерката на Орбан потрошила 8 милиони евра јавни пари за инфлуенсерска кампања

Ќерката на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, Рахел Орбан, е поврзана со кампања вредна околу осум милиони евра за промоција на Будимпешта меѓу Генерацијата З, објави унгарскиот портал „444.hu“.
Кампањата „Патување на инфлуенсери во Будимпешта“ се одржала од 22 до 24 мај 2024 година, а во неа учествувале 51 странски инфлуенсер. Целта била градот да се промовира преку содржини на социјалните мрежи.
Документите што „444.hu“ ги добил од Унгарскиот туристички одбор покажуваат дека кампањата чинела нето 3,18 милијарди форинти, односно околу осум милиони евра. Претходно беше објавено дека трошокот изнесувал околу 1,5 милијарди форинти.
Само за медиумски простор на каналите на инфлуенсерите биле издвоени 1,48 милијарди форинти. Меѓу поканетите биле јутјуберот Дејвид Добрик, боксерот и ријалити-ѕвезда Томи Фјури, Оливија Палермо, Девон Родригез и Хана Стокинг.
Програмата опфаќала престој во луксузни хотели, ексклузивни ресторани и приватни забави, меѓу кои и една во Рибарската тврдина. Инфлуенсерката Кефаја Абудаје во видео јавно ѝ се заблагодарила на Рахел Орбан за организацијата.
Дел од гостите престојувале во луксузниот хотел „Доротеа“, кој според „444.hu“ е поврзан со деловните интереси на Иштван Тиборч, сопругот на Рахел Орбан и зет на Виктор Орбан.
Во организацијата биле вклучени и компаниите „Њу ленд медија“ и „Медиа дајнамикс“, кои го воделе изборот на инфлуенсерите и комуникацијата со нив. Според порталот, компаниите на претприемачот Ѓула Балаши се меѓу значајните добитници на државни договори за маркетинг и комуникации.
Кампањата предизвика критики поради високите трошоци, улогата на Рахел Орбан и користењето објекти поврзани со деловни кругови блиски до власта. Унгарската влада ја бранеше иницијативата со образложение дека промоцијата на туризмот е национален интерес и дека секторот обезбедува егзистенција за стотици илјади семејства.
Ново на Сител
-

Николоски: Со изградбата на коридорите 8 и 10 Македонија ја зацврстува политичката и економска стабилност во регионот
-

61 возач фатен под дејство на алкохол, 14 возеле со над 1,50 промили
-

Вештак на судењето за „Пулс“: Дискотеката имала три влезови и излези, но не за евакуација
-

Ѓорѓиевски: Нов лик, подобри услови и поголема грижа - ЗОО Скопје се менува
-

Приведени осум возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“
-

Маск: На секое дете во Америка ќе му подарам по една акција од SpaceX – подарок вреден 10 милијарди долари
-

Мицкоски: Цените на храната и пијалоците во Македонија се меѓу најниските во регионот, потврди Евростат
-

Заврши петтото издание на „Wine Vision by Open Balkan“: Белград три дена во знакот на виното, ракијата и гастрономијата
