Сопственикот на „Црно Брдо“ осомничен за пожари во Хрватска

Владимир Чупиќ, еден од четирите лица уапсени под сомнение за подметнување пожари на 10 локации во Задарската жупанија, е сопственик на земјиштето во бенковачкото село Билјане Доње на кое со години се наоѓаше озлогласеното „Црно Брдо“ — депонија со околу 140.000 тони канцероген индустриски отпад, објави хрватскиот портал Нет.хр, повикувајќи се на извештајот на РТЛ Данас.
Хрватската полиција го уапси Чупиќ заедно со уште двајца хрватски државјани од српска националност и една државјанка на Полска. Сите четири лица се товарат за тешко кривично дело против општата безбедност, за кое е предвидена затворска казна од една до 10 години, и на сите им е одреден притвор поради опасност од повторување на делото, додека кај тројца е утврдена и опасност од влијание врз сведоци, а кај еден и опасност од бегство.
Во целата истрага посебно се издвојува поврзаноста на Чупиќ со една од најпознатите еколошки афери во задарското предградие. Како што претходно самиот раскажа за неделникот „Новости“, тој на парцелата наследена од својот дедо му овозможил закуп на Садик Чолиќ, сопственик на компанијата „МЛМ Груп“ (MLM Group), откако бил убеден дека просторот ќе се користи како складиште за обичен градежен материјал, цемент и блокови.
За закуп на парцелата за првата година Чупиќ добил 60.000 куни (околу 8.000 евра), а му била ветена и чуварска плата од 11.000 куни месечно. Меѓутоа, наместо градежен материјал, на парцелата од 2010 година започнале да пристигнуваат огромни количини опасна згура од поранешната Шибеничка фабрика за електроди и феролегури (ТЕФ). „Целото село ме мразеше поради тоа. Чекав луѓето да сфатат што се случило и дека сум бил измамен“, изјавил Чупиќ за неделникот.
Компанијата „МЛМ Груп“ во меѓувреме заврши во стечај, а одговорноста за нелегалната депонија со години се префрлаше меѓу институциите, поради што Судот на Европската Унија ја казни Хрватска со паушална сума од еден милион евра и дополнителни 6.500 евра дневно до целосна санација.
Целосната санација на депонијата „Црно Брдо“, чии вкупни трошоци достигнаа 17,5 милиони евра со ДДВ, заврши кон крајот на јули 2026 година, непосредно пред најновиот инцидент и апсењето на Чупиќ за предизвикување на пожарите во регионот.
МИА
Ново на Сител
-

Од утре почнува да сообраќа „Градскиот воз“ на релацијата Зелениково-Скопје
-

29-години од смртта на принцезата Дијана
-

Возачот на ЈСП кој спречи пожарот од автобусот да се прошири во парк-шумата Водно ќе биде награден
-

Три бесплатни концерти за четири дена во Скопје, финалето со Дејвид Гета за 35 години независност
-

Родители во Ресен со дрвен предмет ја тепале својата 15-годишна ќерка
-

Од мотор во движење пукано кон „ауди“ кое го возел 34-годишен кумановец
-

Герасимовски: Учениците од четврто до деветто одделение во ООУ „Киро Глигоров“ привремено ќе следат онлајн настава
-

Фатен крадец во Државна болница, нападнал вработена која се обидела да го спречи
