„Вашингтон пост“: Трамп планира градежни проекти во Белата куќа во вредност од најмалку 927 милиони долари

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира градежни проекти во комплексот на Белата куќа во вредност од најмалку 927 милиони долари, при што се очекува најголемиот дел од средствата да бидат обезбедени од даночните обврзници – објави „Вашингтон пост“.
Според весникот, администрацијата има обезбедено средства преку трансфери од федерални агенции и приватни донации, наместо да бара директно одобрение за финансирање од Конгресот. Парите биле пренасочени во сметката на Извршната резиденција на Белата куќа наменета за поправки и реставрација, за проекти кои администрацијата ги опишува како „проекти за модернизација“.
Во извештајот се наведува дека планираните зафати вклучуваат изградба на балска сала во Источното крило, уредување на плоштадот Лафајет, изградба на хелиодром, нов центар за безбедносна проверка на посетителите и други подобрувања, со што проценетата вкупна цена достигнува најмалку 927 милиони долари.
Овие планови се објавени откако федералниот апелациски суд во петокот пресуди дека за проектот за изградба на балската сала во Источното крило е потребно одобрение од Конгресот. „Конгресот има исклучиво овластување да ја регулира изградбата и уривањето на објектите на Белата куќа“, наведоа судиите Патриша А. Милет и Бредли Н. Гарсија во пресудата. Претседателот Доналд Трамп изјави дека ќе поднесе жалба на оваа одлука.
Белата куќа не ги објави вкупните трошоци за планираните градежни работи, ниту деталните извори на најголемиот дел од финансирањето. Сепак, портпаролот на Белата куќа, Дејвис Ингл, истакна дека проектите се реализираат на „начин во согласност со“ намерата на Конгресот.
- Претседателот Трамп продолжува да спроведува одамна потребни и неопходни реновирања за разубавување на Народниот дом – рече Ингл, додавајќи дека Белата куќа „ќе биде соодветно величествена и ќе остане во одлична состојба за идните генерации“.
Според весникот, Конгресот традиционално одобрува средства за големи градежни проекти во Белата куќа. Буџетските податоци на кои се повикува „Вашингтон пост“ покажуваат дека администрацијата насочила 875 милиони долари во сметката за одржување на Извршната резиденција откако Трамп ја презеде функцијата, во споредба со годишните одобрени средства од 2,5 милиони долари во последните години. Весникот исто така објави дека администрацијата ги насочила договорите преку Извршната резиденција, канцеларија која не подлежи на истите барања за јавно објавување податоци како повеќето федерални агенции.
МИА
Ново на Сител
-

Четири активни пожари, три под контрола, 24 се изгаснати
-

Крводарителска акција во чест на празникот Голема Богородица организира Црвениот крст
-

САД се близу до договор за пристап до венецуелските нафтени резерви
-

Во поплавите во Непал 469 жртви, повеќе од 1.300 лица се водат како исчезнати
-

Успение на Пресвета Богородица: Зошто го барате во гробот, она што беше пренесено на небото
-

Трамп: Путин нема да нападне територија на НАТО
-

Премиерот Мицкоски во посета на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Берово
-

Сончево и топло, попладне услови за изолиpанa нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветeр
