Во гаснењето на пожарот кај Кавадарци ангажирани авиони, хеликоптери и механизација

Пожарот во атарот на кавадаречкото село Раовец, кој беше активен и во текот на вчерашниот ден и ноќта, денеска повторно се реактивираше со голем интензитет, а во неговото гаснење се вклучени воздушни и копнени сили, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој додаде дека огнот се проширил кон тешко пристапен терен во близина на Тиквешкото Езеро, поради што веднаш биле ангажирани два „ер трактори“, а поради сериозноста на состојбата во акцијата се приклучуваат и еден полициски и еден армиски хеликоптер.
-Тешко дека овој пожар ќе биде ставен под контрола во текот на денешниот ден, па дури и во текот на ноќта. За жал, пожарот е злонамерно предизвикан. Најверојатно, полицијата веќе го има приведено сторителот кој го предизвикал пожарот, изјави Ангелов.
Тој посочи дека истовремено бил запален оган на пет различни локации, што придонело пожарот да зафати голема површина и да се формира широка пожарна линија.
-Во текот на денешниот ден досега се регистрирани повеќе од десет пожари. Сите се специфични, но засега се од помал обем. Пожарникарите ги држат под контрола, иако некои од нив имаат капацитет да се прошират, па постои можност да останат активни и во текот на ноќта, информира Ангелов.
Тој предупреди дека високите температури и засилениот ветер дополнително го отежнуваат гаснењето и ги повика граѓаните на максимална претпазливост.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, заедно со сите расположливи екипи е на терен, правејќи максимални напори за пожарот што побрзо да биде ставен под контрола и да се спречи неговото понатамошно ширење.
-Во гаснењето учествуваат четири пинцгауери, два унимога, камион на Шумското стопанство, два џипа и два авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, а од 18:00 часот во акцијата ќе се вклучат и два хеликоптери на Министерството за внатрешни работи и Армијата, објави на Фејсбук градоначалникот Јанчев.
На терен дејствуваат и екипи на Територијалната противпожарна единица, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Граничната полиција и Шумското стопанство – Кавадарци.
-Сите расположливи ресурси се ставени во функција и се вложуваат максимални напори за пожарот што побрзо да биде ставен под контрола и да се спречи неговото понатамошно ширење, истакна Јанчев упатувајќи апел до граѓаните да не се приближуваат до загрозеното подрачје, да ги почитуваат насоките на надлежните служби и веднаш да пријават доколку забележат ново жариште или сомнителни активности.
МИА
Ново на Сител
-

Полска ја обвини Украина за „шовинизам“ поради најавениот меморијал на хероите во Киев
-

Мисајловски: Со развој на воена индустрија, дел од парите што ги одвојуваме за одбрана би можеле да останат во македонски компании
-

Ставен под контрола пожарот на Жеден
-

Трамп: Иран доживува целосен колапс
-

Вчера констатирани 140 прекршоци, осум кривични пријави за возачи на велосипеди, мопеди и мотоцикли
-

Во одредени делови од земјата појава на град, пороен дожд, засилен ветер и грмежи
-

Ангелов: Мирисот на чад во Скопје доаѓа од пожарот на планината Жеден
-

Клековски: Досега потврдени вкупно 44 случаи на западнонилска треска, отпуштени од Клиниката 21 пациент
