Македонија
28. July 2026 - 12:13

Оризопроизводителите бараат слободен увоз на препарати

Оризопроизводителите од Кочанско бараат државата да им овозможи слободен увоз на препарати за заштита на оризот од плевели, болести и штетници, со цел да се намалат трошоците и да се зголеми конкурентноста на домашното производство. Во моментов, земјоделците се принудени препаратите да ги купуваат по значително повисоки цени од оние по кои се продаваат во земјите каде што се произведуваат. Во одредени случаи, цените на македонскиот пазар се и до двапати повисоки, што сериозно ги зголемува производните трошоци и ја намалува економската исплатливост на оризопроизводството.

  • Доколку ни дозволат на ваков начин да ги внесеме препаратите, тие ќе бидат легално пријавени на граница, ќе биде платено за нив данок, царина и се она што следува. Меѓутоа и кога се ќе платиме ние ќе имаме поевтино производство, бидејчи сега ги плаќаме двојно повеќе. Имаме информација дека, а ко на пример еден препарат чини 100 денари таму, кај нас се продава по 150,200 и 300 денари, изјави Тони Максимов, оризопроизводител.

Тие предлагаат право на увоз да имаат само регистрирани земјоделци со уредно пријавени површини во ресорното министерство, како и корисниците на субвенции за оризопроизводство. За целосна контрола од страна на државата, би се издавала специјална потврда за увоз.

  • Тие препарати сега со кои што го третираме оризот се внесуваа „на црно“ од другите држави, како Грција, Турција и останатите држави кои произведуваат ориз и за жал истите препарати ги внесуваат тука, но земјоделците ги купуваат два пати па и три пати поскапо, отколку ако отидаат и си ги купат од самата држава производител. Оние препарати кои се регистрирани во Македонија и кои можат да се користат и не се штетни за здравјето на луѓето да можат да си ги внесат и самите земјоделци, додаде Максимов

Оризарите очекуваат надлежните институции да ги разгледаат нивните барања и да преземат мерки што ќе им овозможат пофер услови за набавка на препаратите, како што е случај во повеќе земји од регионот и Европската Унија.