Црна Гора воведува два дена платено менструално отсуство месечно

Собранието на Црна Гора денеска ги усвои измените и дополнувањата на Законот за здравствено осигурување, со кои на жените со дијагностицирана секундарна дисменореа – болни менструални циклуси проследени со грчеви, гадење и замор – им се овозможува право на два дена платено отсуство месечно.
Тоа право, како што пренесуваат „Вијести“, се однесува на жени кои имаат болни менструални циклуси предизвикани од органски причини, како што се ендометриоза, миоми, полипи и други гинеколошки заболувања.
Независната пратеничка Јевросима Пејовиќ иницијативата за измени на законот ја поднесе во март оваа година, во пресрет на Меѓународниот ден на жената. Предлог-законот претходно едногласно беше поддржан на седниците на Комисијата за здравство, труд и социјална политика и Законодавната комисија.
Во образложението на законот се наведува дека целта на измените е адекватно регулирање на дијагностицираните патолошки состојби на секундарна дисменореа, отстранување на стигмата и предрасудите на работното место и воспоставување рамнотежа меѓу зачувувањето на здравјето и професионалните обврски на жените. Како што се истакнува, на жените со секундарна дисменореа им се признава правото на посебна состојба на привремена спреченост за работа.
Секундарната дисменореа подразбира болни менструални тегоби предизвикани од претходно дијагностицирани гинеколошки заболувања, како што се ендометриоза, миоми, воспаление на јајниците, ендометријални полипи и синдром на полицистични јајници, како и состојби кои можат да бидат проследени со болни полови односи, отежнато мокрење, неплодност или обилно менструално крвавење.
МИА
Ново на Сител
-

Шест лица приведени во врска со пукањето на семејна веселба во гостиварско
-

Сервисираниот „ер трактор“ повторно ставен во функција
-

Руските сили извршија напади врз украинските пристаништа во Одеса и Николаев
-

Зголемена фреквенција на граничните премини, на некои се чека и повеќе од еден час
-

Родилка остана во инвалидска количка по направен царски рез
-

Николоски: Распределни 47 социјални станови во Дебар, грижата за ранливите категории семејства е приоритет на Владата
-

Претрес во автокамп на охридското крајбрежје, пронајдена дрога, приведен 39 годишен скопјанец | ФОТО
-

Кривична против струмичанец поради обид за убиство на поранешната сопруга
