Пропустите кај млечните производи може да ја намалат продажбата
Агенцијата за храна и ветеринарство ги објави млекарниците кои продавале производи со пониска масленост и палмини масти. Кај две се забележани најголеми отстапки каде разликата во присуството на млечна маст во сирење и урда, била и до десетпати помала од таа што ја пишувало на декларацијата.
По направените анализи во лабораториите на Институтот за јавно здравје, отстапки од правилникот за храна, АХВ утврдила кај млекарниците: Милком, Маврово, Сентис, Ѓорѓиеви, Златибор од Србија, Бела фарм, Продукт, Тетовска Млекара и Норд милк. Според Организацијата на потрошувачи, откриените неправилности може да влијаат врз продажбата на производи од млеко.
Млекопроизводителите не се изненади. Веќе алармирале дека се увезува вештачко млеко, па дел од млекарниците одбивале да откупуваат домашно млеко.
Лажираните декларации за присуство на масленост и премолчената употреба на палмини масти, го загрозува човековото здравје, сметаат нутриционистите. Појаснуваат дека палминото масло не е забрането за употреба во исхраната, но тоа треба да е истакнато на декларацијата.
Агенцијата за храна и ветеринарство анализирала 45 мостри од млеко и млечни производи. Кај 10 производители се откриени отстапки и за сите се изречени парични казни од илјада до 3.500 евра.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
