Планот на Мерц пред лидерите на Западен Балкан во Тиват
Тиват ќе биде местото каде што германскиот канцелар Мерц ќе ги открие целосните детали за неговиот план за асоцијативно членство на Украина и постепена интеграција на Западен Балкан, брифираат извори од Европскиот совет. Самитот на ЕУ со Западен Балкан ќе се одржи на 5 јуни во Црна Гора.
Иако засега идејата не е прифатлива за неколку држави членки на ЕУ, меѓу кои Унгарија и Словачка, но и за самата Украина, ова ќе биде прва прилика за неа да се изјаснат и Црна Гора, Албанија и Македонија, како кандидатки на кои се однесува планот. Идејата не е нова, вели премиерот Мицкоски, но тој додава дека став ќе сподели откако ќе ги чуе деталите во Тиват.
Постепената интеграција, пак, не смее да биде замена за полноправно членство, туку само дел од стекнувањето поголема доверба меѓу државите од Западен Балкан и Унијата, децидни беа учесниците на денешната панел-дискусија „Западниот Балкан на пат кон ЕУ – доверба, демократија, граѓанско општество“.
Сепак, и претставниците на ЕУ велат дека со новата методологија постои политичко тесно грло во процесот на интеграција. Порачуваат дека одредени членки треба да го надминат духот на минатото и раните од балканските војни.
Пред самиот самит во Тиват, пак, во вторник во Скопје доаѓа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Посетата е дел од неговата втора турнеја низ Западен Балкан, која почнува во Црна Гора, продолжува преку Албанија и Македонија, па сè до Косово.
Извори од Брисел коментираат дека Кошта на средбата во Скопје ќе го охрабри Мицкоски за исполнување на условите со цел забрзување на интеграцијата. Премиерот, пак, очекува пријателска атмосфера на разговорите и изнаоѓање прифатливо решение за проблемот со Бугарија. Тој останува на ставот дека идентитетски отстапки нема да бидат прифатени, независно од политичката цена.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
