Македонија
29. May 2026 - 12:17

Нов пристап за стручни кадри во Штип

Усогласувањето на образовните профили со потребите на стопанството се наметнува како еден од клучните предуслови за создавање конкурентен и подготвен кадар. Според градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, локалните компании имаат сè поголема потреба од млад и стручен кадар.

  • Она што е наша тенденција е во рамки на сите средни училишта да има можност за еден вид дуално образование, со кое полесно ќе ги вклучиме сите ученици и полесно се адаптираат на пазарот на трудот. Веќе кога ќе го завршат процесот на образование да имат познавање од реалниот сектор-изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип

Потребата од стручен и квалификуван кадар во реалниот сектор станува сè поизразена, особено во техничките и производствените дејности. Компаниите сè почесто бараат млади луѓе кои, покрај теоретското знаење, поседуваат и практични вештини што ќе им овозможат побрзо вклучување во работниот процес. Во тој контекст, во регионалното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“ во Штип се планира целосна реконструкција и модернизација. По четири децении, училиштето ќе добие нова енергетски ефикасна фасада, реновирани училници и современо опремени кабинети. Реконструкцијата ќе се одвива по фази, без прекин на наставниот процес.

  • Во тек е подготовка на проектната документација за целосна реконструкција на училиштето. Откако ќе биде завршена ќе почне постапка на реновирање на училишните кабинети, набавка на опрема , нова фасада и слично, изјави Јованка Шалева, директорка на ДСУ „Коле Нехтенин“- Штип

Сето ова укажува на јасна насока кон зајакнување на стручното образование и негово поблиско поврзување со реалниот сектор.