Рибарски: Голем број станови изградени пред 2000 година се запишани со помала квадратура во Катастарот

Голем број станови и објекти, особено оние изградени пред 2000 година, имаат несогласувања меѓу реалната и катастарски евидентираната површина, а дел од недвижностите и натаму немаат уредени сопственички права, посочи денеска претседателот на Комората на друштва за геодетски работи Никола Рибарски, на промоцијата на општествено-економската кампања „Провери, потврди, поседувај – твојот имот, твоја сигурност“.
Рибарски на прес-конференција посочи дека кампањата е насочена кон постојните и идните сопственици на недвижен имот, со цел да се укаже на потребата од правилно користење, управување и купопродажба на имотот.
Една од главните препораки е, рече Рибарски, при купопродажба на недвижен имот да се изврши геодетски премер од лиценцирана геодетска компанија, со цел да се утврдат точната површина, границите и состојбата на имотот во Катастарот на недвижности.
Според него, голем број граѓани по купување на имот се соочуваат со проблеми поврзани со меѓите, границите и површината на недвижноста, што често резултира со судски постапки, финансиски трошоци и застој на инвестиции.
-Кампањата е со наслов: „Провери, потврди, поседувај – твојот имот, твоја сигурност“. Токму зад овие три пораки се кријат детектираните, таргетирани проблеми, чие решавање е од интерес на секој граѓанин, на стопанството во целина и на државата, односно на сите сопственици на недвижен имот … Потребно е ажурирање на податоците, а вакви случаи има во повеќе населби низ Скопје, како Капиштец, Аеродром, Чаир, Карпош, но и во други градови низ државата - вели Рибарски.
Ваквите разлики, тој појасни дека произлегуваат од методологијата што се применувала при воспоставувањето на катастарската евиденција, кога дел од недвижностите биле запишувани со околу 75 проценти од нивната бруто-површина, без целосно евидентирање на терасите, балконите и другите делови.
Во рамки на кампањата, беше посочено и дека постојат недвижности кои сè уште немаат запишани сопственички права во Катастарот, иако се користат, како и дека сопствениците на станови треба да имаат уредени права врз заедничките делови на зградата, земјиштето под објектот и дворното место.
Рибарски апелираше граѓаните внимателно да пристапуваат кон склучување договори за купопродажба и да проверуваат дали имотот има чист имотно-правен статус, без ограничувања, забрани или товари.
– Се повикуваат сите сопственици на недвижен имот, без разлика дали се физички лица, правни субјекти или институции, да извршат увид во својата документација и, доколку е потребно, да се обратат до лиценцирани геодетски компании за решавање на евентуалните проблеми - рече Рибарски, посочувајќи дека трошоците за геодетски услуги се минимални во споредба со вредноста на инвестицијата во недвижен имот и можат да спречат сериозни правни и имотни спорови.
Во одговор на новинарско прашање за злоупотребите и судските постапки поврзани со недвижностите, Рибарски посочи дека најчестите проблеми настануваат по купопродажба, кога сопствениците се соочуваат со спорови околу меѓите и границите на парцелите.
– Често сопствениците по купувањето на имотот се соочуваат со проблеми со соседите, особено околу границите на парцелите, што доведува до судски постапки и дополнителни трошоци. Токму затоа целта на кампањата е навремена проверка и усогласување на податоците, за да се спречат идни злоупотреби и имотно-правни спорови - рече Рибарски.
МИА
Ново на Сител
-

Раѓањата во Грција за 15 години се намалиле за 42 отсто
-

ДЗР: Зголемени ризици од катастрофи, но недоволна подготвеност на системот за заштита и спасување
-

Уапсен крадец од Куманово баран по потерница за издржување затворска казна
-

Над 10.000 сообраќајни прекршоци за четири месеци – одземени 423 мотоцикли и тротинети
-

Уапсен 38-годишен скопјанец, при претрес пронајдени 25 кесички со марихуана
-

Новата футсал сезона стартува на 10 октомври
-

Антонели: Верстапен е одличен не само како возач, туку и како личност
-

Швајцарија без Џака во Скопје поради лажен сертификат за Ковид - 19 вакцина
