Фон дер Лајен: Европа мора да стане понезависна во енергетиката, одбраната и снабдувањето

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, денеска по пристигнувањето на Самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ), во главниот град на Ерменија, Ереван, изјави дека ќе се разговара за независна Европа и дека Стариот континент треба да ја намали прекумерната зависност во енергетиката, одбраната, безбедноста и во синџирите на снабдување.
Осмиот самит на ЕПЗ започнува денеска во Ереван и ги собира лидерите на 48 земји, а со него претседаваат претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и премиерот на Ерменија, Никол Пашињан. По првпат на состанокот е поканета и една неевропска земја – Канада.
– Ќе разговараме главно за темата независна Европа. Мора да ја намалиме нашата прекумерна зависност конкретно во три области. Првата е енергијата – премногу зависиме од увозот на фосилни горива и затоа постојано сме под влијание на несигурните глобални пазари. Мора да ги зголемиме нашите капацитети во Европа, а тоа се обновливите извори и нуклеарната енергија, бидејќи се домашни, поевтини и посигурни – изјави Фон дер Лајен.
Таа додаде дека втората тема се одбраната и безбедноста. – Мора да ги зајакнеме нашите воени капацитети за да можеме да се заштитиме и одбраниме. На располагање има огромни средства за инвестиции и навистина мора да ги зголемиме напорите и да го забрзаме процесот на военото производство – рече таа.
Фон дер Лајен посочи дека ќе се разговара и за сигурни синџири на снабдување и додаде дека Европа се врти кон земји со слични ставови, склучува договори за слободна трговија со Латинска Америка, Индија, Австралија и Мексико, преку кои гради мрежи на снабдување. Таа истакна дека Ерменија има важна улога кога станува збор за поврзаноста, особено во Јужен Кавказ и Централна Азија.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, одговарајќи на новинарско прашање за најавите на САД за повлекување на воените трупи од Европа, изјави дека за тоа се зборува подолго време, но дека сегашниот „тајминг“ е изненадување. – Тоа покажува дека мора да го зајакнеме европскиот столб во НАТО и навистина мора да направиме повеќе – рече Калас, додавајќи дека американските трупи во Европа не се само за заштита на европските земји, туку и на американските интереси.
Таа нагласи и дека е важно да се диверзифицираат трговските рути и да се намалат ризиците од затворање на одредена рута, како и дека ќе се разговара за нивната меѓусебна поврзаност.
МИА
Ново на Сител
-

ЦУК: Сите државни ресурси ангажирани на терен за заштитата на планината Китка
-

20-годишник од скопско бегајќи од полиција со возило удрил во бетонски ѕид и во полициски автомобил
-

Шумски пожар уништи десетици домови во американската сојузна држава Невада
-

Мицкоски: Силно го поддржуваме Трамп, сакаме стратешкиот дијалог со САД да донесе конкретни резултати
-

Поради сообраќајка целосно блокиран патот Крива Паланка – Куманово
-

Биткоинот над 80 илјади долари, највисоко ниво од мај
-

УХМР: Попладне нестабилно време со пороен дожд, грмежи и услови за невреме
-

Црна Гора очекува до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја со ЕУ
