Рекордна масовност на 1. Национално кикбокс првенство 2026 во Скопје – 441 натпреварувач од 29 клубови
Во неделата (1 март 2026), во големата сала на Спортски центар Јане Сандански во Скопје се одржа 1. Национално кикбокс првенство за 2026 година, во организација на Кикбокс Маитаи федерација на Македонија. Настанот постави нови стандарди по масовност и организација во македонскиот кикбокс.
На првенството учествуваа 441 натпреварувач со вкупно 575 натпреварувачки влезови од 29 клубови од целата држава. Тие се натпреваруваа во сите возрасни категории и дисциплини – татами (кик лајт) и ринг дисциплини (лоу кик и К1). Борбите се одвиваа паралелно на еден ринг и пет татами борилишта, што овозможи динамична програма во текот на целиот ден.
Според организаторите, ова е најмасовното национално кикбокс првенство од формирањето на федерацијата до денес, што го потврдува континуираниот раст на спортот во земјава.
Во рамки на настанот беа одржани и подготвителен судиски семинар за татами и ринг судии, како и тренерски семинар, со цел дополнително унапредување на стручниот кадар во кикбоксот. Делегат на натпреварот беше Дејан Митровски.
За организацијата беа ангажирани 38 судии, 24 технички лица по борилишта, менаџер на настанот, лице за софтверска и системска поддршка, тројца доктори и помошно-технички персонал. Во текот на целиот ден беше обезбедено присуство на медицински тим со возило на Брза помош, агенциско обезбедување и полициска патрола.
Реализацијата на првенството беше поддржана од Министерство за спорт на Република Северна Македонија, Македонски олимписки комитет, како и од повеќе компании од приватниот сектор.
Најуспешен клуб на првенството беше КБК Шампион од Скопје со освоени 31 златен, 8 сребрени и 6 бронзени медали, за што доби златен пехар. Второто место го освои КБК Гладијатор со 23 златни, 11 сребрени и 10 бронзени медали и беше награден со сребрен пехар.
Организаторите оценуваат дека првенството уште еднаш покажало дека македонскиот кикбокс располага со голем број талентирани спортисти и стабилна организациска структура, што претставува добра основа за успешна натпреварувачка сезона во 2026 година.
Ново на Сител
-

НАСА: Срушен е рекордот - човек отпатува најдалеку од Земјата досега
-

Трамп: Иран може да биде уништен преку ноќ
-

Кривична за Струшкиот градоначалник, именувал директор без соодветно образование и непознавање на англиски јазик
-

Воз му ја прегазил ногата на мигрант од Алжир во Гевгелија
-

МП: Протестот е темелно демократско право, но загрижува улогата на одредена опозициска партија и обидот за манипулација
-

Кривична за поранешниот градоначалник на Кичево, Дехари - го оштетил буџетот за 1,6 милиони евра
-

24-годишник со „ауди“ возел со 212 км на час на автопатот Скопје-Штип
-

Владата работи со сите стекхолдери за конечна верзија на законот за заштита од пушење, вели Мицкоски
