Преглед на вестите од светот
Во Кремљ завршија долготрајните преговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и делегацијата на Соединетите Американски Држави, посветени на мировно решавање на војната во Украна. Средбата траеше речиси пет часа.
Клучна тема на разговорите беше уредувањето на конфликтот во Украина и разгледувањето на мировниот план, кој беше првично изработен од САД, а потоа дополнително коригиран и ажуриран од Киев и неговите европски сојузници. За време на средбата, американските пратеници му го претставиле овој ажуриран мировен предлог на рускиот претседател.
По завршувањето на разговорите, Кирил Дмитриев на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) кратко напиша: „Продуктивно“, сугерирајќи дека средбата поминала во конструктивна атмосфера.
Претходно, американското издание Аксиос објави дека по преговорите во Москва, Виткоф и Кушнер планираат да отпатуваат во една од европските земји за да се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Оваа најавена средба укажува на интензивна дипломатска активност во обид да се усогласат позициите меѓу Москва и Киев со посредство на Вашингтон. Последен пат Виткоф се сретна со Путин во август, кога разговорите траеја околу три часа.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва не сака војна со европските земји, но дека, доколку Европа посака конфликт, Русија е веднаш подготвена за борба. Путин оцени дека европските партнери поставуваат услови за можен мировен договор за Украина што Москва ги смета за „апсолутно неприфатливи“.Украинската армија ја демантираше Москва дека руските сили го зазеле стратешкиот источен град Покровск. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека руската армија по една година борби го зазела градот Покровск, во Доњецк
Во текот на вчерашниот ден во Москва имаше средба на високо ниво меѓу кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Белгиската полиција приведе три лица во рамки на истрагата поврзана со наводна злоупотреба на средства на Европската Унија, меѓу приведените е и поранешна висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини, јавија бриселските медиуми повикувајќи се на полициски извори. Приведените лица се осомничени за измами со јавни набавки, корупција и судир на интереси. Идентитетот на другите двајца приведени не е објавен, но се посочува дека станува збор за лица кои извршуваат „високи позиции во европската дипломатија“.
Коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП–ДБ) в петок ќе поднесе барање за гласање недоверба кон Владата на премиерот Росен Жељазков, соопшти во видеопорака на Фејсбук лидерот на ПП, Асен Василев. Тој најави дека следната недела, кога во Парламентот ќе се води расправата, ќе се одржи уште поголем протест, на кој опозицијата јасно ќе порача „Доста е“ и ќе повика да се даде „шанса за иднината на Бугарија“.
Студентите во блокада најавија протести низ цела Србија за 28 декември. „Време е да се вклучиме и да се поврземе, бидејќи само заедно можеме да прогласиме победа. На 28 декември ќе се видиме низ цела Србија“, наведоа студентите во соопштението на Инстаграм. Засега е познат само датумот - 28 декември, но не и каде и какви собири ќе бидат организирани.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
