СДСМ поднесе пријава до ДКСК за тендерите од 9 милиони евра
Опозициската СДСМ денеска до Државната комисија за спречување на корупција поднесе пријава за наводите дека фирма со двајца вработени добивала државни тендери тешки неколку милиони евра. Бараат од Комисијата да отвори предмет и да ги испита сите елементи а од партијата ги доставиле сите документи, докази и информации што ги објавувале на прес конференции.
-Како што ветивме, нема да дозволиме ова да остане само на прес конференции. Институциите мора да постапат, крадењето на народот да запре и да следува одговорност. Кога фирмата основана пред една година, со само двајца вработени, добива државни тендери од речиси 9 милиони евра, што е тоа ако не шема за испумпување пари од граѓаните? изјави Петар Огњеновиќ од СДСМ.
За обвинувањата од СДСМ, во синоќешното гостување во 360 степени, премиерот Мицкоски побара доколку има сонмеж да достават докази до Обвинителството.
-Доколку постои било какво сомневање за сторен криминал, СДСМ може веднаш до нивните инсталации во Обвинителството да достави докази и нивните инсталации во Обвинителството коишто сè уште функционираат слободно можат да поведат истрага и сè што е потребно ние како Влада им стоиме на располагање, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Влада.
Изминатите денови СДСМ на прес конференции обвини дека фирми блиски до власта добиваат милионски тендери. Во фокусот им беше фирма со двајца вработени која за една година постоење добила 6 тендри од кои 4 со Генералниот секретаријат на Владата.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
