Последици од поплавите во о.Чешиново-Облешево
Водата од надојдената Кочанска Река постепено се повлекува од поплавените села Облешево, Спанчево, Чешиново и Чифлик. Но, по повлекувањето, на површина излезе нов предизвик, недостиг на сигурна, питка вода. Бидејќи овие населени места немаат централен водовод и користат приватни бушотини, постои реален ризик водата да биде загадена. Од Општината најавуваат дека по стабилизирањето на состојбата ќе започне и дезинфекцијаа, а од утре жителите ќе можат и официјално да ги пријавуваат штетите.
- Oчекуваме да биде формирана комисија. Во координација со централната власт ќе ги направиме тие првични сондажи на оштетувањата коишто ги имат зафатено нашите граѓани . Дополнително ќе дадеме информации каде да се обратат и да ги пријават штетите, изјави Јорданчо Костадинов, градоначалник на Чешиново-Облешево.
Најтешко погодени од поплавите се земјоделците. Голем дел од оризовите ниви останаа под вода, а загубите се видливи и кај останатите култури. Дел од родот веќе е неповратен.
- Катастрофа, што да ви кажам. Три хектари ориз имам, 70% ми е ожнеан, а 30% ми остана во нивите. Точно за штета не можам да ви кажам, но знам дека е голема, изјави Иван Панов, земјоделец од Чешиново-Облешево.
- Тие повеќе не можат да се жнеат. Не може да се користат ниту како храна за луѓето, ниту за животните. Површините се под вода и таму комбајни не можат да влезат...Не е само оризот,имаме посеано и житарица. Ова се полиња со јачмен и пченица и не можат да се користат. Требаше само да се жнеат, изјави Тони Максимов, земјоделец од Чешиново-Облешево.
Земјоделците предупредуваат дека причината за ваквите штети не се само обилните врнежи, туку и долгогодишниот проблем со неисчистени канали и одводи. Стравуваат дека без редовно одржување, сценаријата како ова ќе се повторуваат и во иднина.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
