Македонија
27. November 2025 - 16:42

Мицкоски тврди дека Уставен го укинал линеарното покачување на пензиите, судот демантира

Над 70% од пензионерите ќе земат помалку пари тврди премиерот Мицкоски. Од собраниската говорница премиерот излезе со тврдење дека уставната судијка Кацарска веќе донела одлука за укинување на линеарното покачување на пензиите. Иако тоа ќе значи помал пристисок врз буџетот, Мицкоски вели дека ова е неправда кон пензионерите кои имаа најниски примања во државата. 

„Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот. И тоа само за информација значеше дека 70 проценти од пензионерите ќе добиваат помала пензија од следниот месец, поради оваа иницијатива на оваа судијка која е дел од Уставниот суд. Замислете истовремено најверојатно следната одлука којашто ќе дојде од истиот суд е да ги одмрзнеме платите на судиите и обвинителите“, рече премиерот Мицкоски.

Од Уставен со демант. Велат дека постапка е отворена, но конечна одлука нема. 

„Судот укажува дека на 24. седница одржана на 19.11.2025 година со мнозинство гласови, изрази сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот. Ве тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што ќе следува конечна одлука. Јавноста ќе биде известена кога овој предмет ќе биде ставен на седница за гласање“, велат од Уставен и потенцираат дека предмет на преиспитување е само новото линеарно покачување, а не 5000-те илајди денари кои пензионерите ги добија претходно.   

Одржливоста на пензиите е загрозена обвини и опозицијата. Тренчевска тврди дека за декемвриската пензија нема пари, а дупката во Фондот за пензиско достигнува 1 милијарда евра. Заменик министерот за труд ја обвини дека со лаги сее страв меѓу граѓаните.  

„Состојбата со Фондот за пензиско е загрижувачка. Пари за исплата на декемвриската пензија нема ниту во буџетот на Министерството за социјална политика, ниту во Фондот за пензиско. Ставката од која се трансферираат средствата од министерството кон фондот за исплата на пензиите е 100% реализирана, односно пари на таа сметка нема. А нема и во Фондот затоа што сите средства со кои што располагаше Фондот беа искористени за исплата на пензиите во ноември. За декемвриската пензија нема средства“, вели Тренчевска

„Немој да сеете страв дека Пензискиот фонд бил пред колапс, дека немало да има пензии на 1 декември. Сето тоа се лаги и ќе биде демантирано за само неколку дена од денеска. Ќе бидат исплатени тие пензии, и во 2026 и во 2027 и понатаму и ќе има покачувања согласно законските прописи. Граѓаните нека бидат мирни“, потенцираше Велковски.

Покрај редонвните пензии Велковски вели дека е предвидено и законското покачување на пензиите во март.