Усогласени правила на ЕУ за спречување на злоупотребата на кучињата и мачките

Претставници на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ синоќа постигнаа договор околу Предлог-законот на Унијата кој воспоставува правила за спречување на злоупотребите, ограничување на суровите деловни практики и заштита на здравјето на мачките и кучињата.
Станува збор за прв законски текст што на ниво на ЕУ утврдува стандарди за одгледување, сместување, регистрирање, увоз и згрижување на мачки и кучиња.
Со законот се предвидува на кучињата и мачките во ЕУ да им се вградуваат микрочипови и тие да бидат регистрирани во интероперабилни национални бази на податоци.
Продавачите, одгледувачите и засолништата на животни ќе имаат рок од четири години да почнат да ги применуваат овие правила, додека за сопствениците на кучиња тој „грејс период“ ќе важи во следните 10 години, а на мачки – 15 години.
Исто така, се забранува размножување на мачките, односно кучињата, со нивните потомци, со потомците на нивните потомци, како и меѓу самите потомци.
Законот забранува дресирање или одгледување на кучиња или мачки на начини кои би довеле до ризици по нивното здравје, нивно врзувањето за предмет, освен кога тоа е потребно за медицински третман, како и употреба на огрлици без вградени безбедносни механизми.
Кучињата и мачките увезени во ЕУ од трети земји заради продажба, ќе мора да бидат чипирани уште пред нивниот влез во Унијата, а потоа и регистрирани во националната база на податоци.
Сопствениците на домашни миленици што се носат во ЕУ ќе бидат обврзани од претходно да го регистрираат своето чипирано животно во базата на податоци најмалку пет работни дена пред влегувањето во Унијата.
За да стапи во сила Предлог-законот, кој Комисијата го предложи во декември 2023 година, сега треба да биде одобрен и од Европарламентот и од Советот на ЕУ.
Според статистичките податоци, 44 отсто од жителите на ЕУ имаат домашни миленичиња, а 74 проценти од нив веруваат дека благосостојба на овие животни треба да биде подобро заштитена.
Во последните неколку години се бележи значително зголемување на обемот на трговијата со кучиња и мачки во ЕУ, од која годишно се остварува промет од околу 1,3 милијарди евра. Според Комисијата, околу 60 отсто од сопствениците на кучиња или мачки ги купуваат своите миленичиња преку интернет, во отсуство на стандарди за благосостојба на животните во земјите на ЕУ.
МИА
Ново на Сител
-

Предлог-законот за ДДВ на Комисијата за финансирање и буџет
-

Јавна расправа за планот за дијаспората, Муцунски ќе ги претстави клучните области
-

Пленарна конференција на Националната конвенција за ЕУ
-

Брнабиќ најави поднесување амандман со што ќе се овозможи преземање на НИС
-

Трамп: Мировниот план за Украина е флексибилен, Москва се согласи на отстапки, а конечниот рок е „кога сè ќе заврши“
-

Од денеска до сабота облачно со повремен дожд
-

Зеленски: Украина е подготвена за мировен договор со САД и Европа
-

Радост на сопственото постоење | Симона Петреска | Sitel Podcast 127
