Македонија
20. November 2025 - 16:31

Ваучерите за студенти се со лични податоци и ако се препродадат не може да се искористат, вели Мицкоски

„Продавам ваучер за електронски уреди во износ од 15.300 денари, за лаптоп, таблет, персонален компјутер, кој може да се искористи во поголемите продажни салони. Локација: Скопје. Цена: 11.000, лајк и ке ве контактирам“ – вакви огласи масовно се шират на социјалните мрежи. Студенти кои добиле ваучер од државата го продаваат за кеш и тоа за значајно помала сума. Но, се отвора дилемата како ќе го користи ваучерот тој што го купил?

„Мислам дека и да ги препродале, не би можеле да бидат искористени, бидејќи таму се лични податоци. Така што мислам дека се тие обиди јалови. Тоа ме загрижува“ – Христијан Мицкоски, премиер 

„Злоупотребата и фалсификувањето на ваучерот за набавка на електронски уред подлежи на казна согласно со Кривичниот законик“, стои во законот за издавање ваучери. 

Од друга страна, студенти запишани на мастер студии се пријавиле и добиле ваучер, иако не им следува. На постдипломците вчера им бил пратен меил дека не можат да го користат затоа што не ги исполнуваат условите.

„Законот вели дека право на ваучери имаат студентите на додипломски студии и на интегрирани студии до 29 години. Тоа е законот и според него студентите ќе добијат ваучери“ – Весна Јаневска, министерка за образование 

Од опозицијата пристигна критика.

„Се случи дебакл на една неспособна власт која не знае да организира ниту наједноставна мерка, ваучери за електонски уреди за студентите од првиот циклус на студии. Прашање е дали се направени и намерни злоупотреби? Власта создаде ситуација во која за младите е непознато што ќе се случи со студентите кои веќе земале уред со одобрениот ваучер. Никој не виде бенефит од оваа власт. Не може младите во Македонија да бидат „колатерална штета“ на неспособноста на ДПМНЕ“, велат од СДСМ.

Заклучно со вчера 27 илјади студенти ги подигнале ваучерите. За оваа намена Владата одвои над 13 милиони евра од буџетот.